„Спиноза“ на сцената на Драмски театар
Гоце Смилевски изработи сосема нов текст за претставата која е копродукциски проект на Мал драмски театар, МНТ и на Драмски театар
Невена Поповска
„Премиерата на копродукцискиот проект ’Спиноза‘ на Мал драмски театар, Драмски театар и Македонски народен театар на сцената на Драмски ќе се постави на крајот на јуни и почетокот на јули“, беше соопштено на вчерашната средба со новинарите.
Бранко Ѓорчев, директорот на Драмски театар информираше дека веќе се почнати читачките проби и дека претставата исклучиво ќе се игра на сцената на Драмски. За Благоја Стефановски „ова е реално заокружување на голготата на овој проект, за кој идејата датира од пред седум години. Тоа што Зоја Бузалковска е режисер на претставата е врв на реализација на проектот“, рече Стефановски.
„Македонскиот народен театар се вклучи во проектот, пред се поради одличниот потенцијал што го нуди оваа претстава, Зоја Бузалковска, како режисер, текстот на Гоце Смилевски и Благоја Стефановски, кој веќе триесет години е во театарската дејност“, истакна Сашо Миленковски, директор на МНТ.
Гоце Смилевски, кој е автор на текстот по кој се работи претставата појасни дека станува збор за сосема различен текст: „Текстот за претставата е сосема различен од романот. Тие два текста се сродни, но проектот е независен драмски текст, а не драматизација на романот“ Смилевски подвлече дека е мошне среќен што по седум години од првите идеи за поставување на „Спиноза“ на штиците што живот значат кои ги имале со Зоја и Баге, конечно, ќе го види на сцена.
Режисерката Зоја Бузалковска, која прво го читала драмскиот текст, а потоа романот, рече дека за неа предизвик претставувал кусиот текст на крајот кој гласи: „Циркуска претстава во пет актобатски точки“. „Отсекогаш сум сакала да режирам циркуска претстава и поставувањето на овој проект на сцената ми претставува огромен предизвик. Режирањето на ’Спиноза‘ ми претставува едновремено и бреме и провокација, но се надевам дека бремето ќе го издржиме сите заедно како екипа и ќе претставиме еден нов Спиноза“, рече Бузалковска. Што се однесува до актерката екипа, таа подвлече дека со оглед на тоа што приказната со поставувањето на „Спиноза“ трае долго време, така и актерската екипа се менувала. „Мислам дека вистинските работи се случуваат во вистинско време и актерската екипа која ја имаме во моментов дека дека е онаа вистинската“.
Улогите во претставата ги толкуваат: Васил Зафирчев, Борче Начев, Дарија Ризова, Катива Иванова и Александар Степанулески.
Васил Зафирчев ја толкува улогата на Спиноза за која вели: „Во романот разговарав со Спиноза, а сега се борам со него, се обидувам да го разберам, да го оправдам. Очекувам дека ќе направиме одлична претстава со оглед на тоа дека самиот текст се занимава со вистинските нешта кои се важни во животот, а кои сите ние честопати ги пропуштаме“. |