Германија е првата европска станица на Медведев

Главна тема меѓу Медведев и Меркел ќе бидат економските, политичките и културните односи
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Новиот руски претседател Дмитриј Медведев денес ќе пристигне во Германија. Тоа што неговата прва посета на една европска земја ќе биде Германија не е ниту малку случајно, бидејќи канцеларката Ангела Меркел беше првиот странски државник со кого, неколку дена по изборот на Медведев, се сретна во Москва. Германија е важен економски партнер на Русија, двете земји немаат спорни прашања и со право се очекува односите да бидат се' подобри. Дмитриј Медведев ќе го продолжи патот на Владимир Путин и посебно внимание ќе посветува на јакнењето на односите со „земјите од стара Европа“, што е најдобра гаранција дека новопримените членки на ЕУ, како што се Полска, или поранешните советски републики на Балтикот, нема да може да ја изолираат Русија, инсистирајќи на „европска солидарност“ со нив, во спорот против Русија. Економските интереси на Германија, Италија и Франција за тие земји се многу важни отколку инаетењето на Полска или на поранешните „руски браќа“ од советските времиња.
Главна тема на разговорите меѓу Дмитриј Медведев и неговата домаќинка во Германија ќе бидат меѓусебните економски, политички и културни односи. Меѓутоа, на дневен ред на разговорите ќе бидат и актуелни меѓународни прашања, меѓу кои се Косово и иднината на Србија.
Ангела Меркел, за време на мартовскиот еднодневен престој во Москва, изјави дека во германско-рускиот дијалог повторно ќе стане збор за Косово.
Што се однесува до меѓусебните односи на Германија и Русија, и двете страни истакнуваат дека тие имаат стратегиски карактер. Иако во почетокот на својата кариера како канцелар, Ангела Меркел го критикуваше раководството во Кремљ поради човековите права и развојот на демократијата, сега таа се' повеќе зборува за економска соработка. Само годинава Германија инвестираше пет милијарди долари во Русија. За споредба, лани Германците инвестираа две милијарди долари во Русија. Според германските информации, вкупните нивни инвестиции во Русија се 56 милијарди евра. Во Русија работат повеќе од 4.600 германски компании. Концернот „Фолксваген“ изгради фабрика во Калининградската област каде што ги составува своите возила.
Се' подобрите економски односи се причина што германското раководство се' поч��сто зборува за тоа дека ширењето на НАТО-сојузот не би смеел да ги расипе односите на Европа со Русија. Поради тоа некои предвидуваат дека многу брзо би можело да се појават „нови прашања“ во односите на Берлин и Вашингтон. Не е тајна дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кој раководи со конзорциум за изградба на северниот гасовод на Запад, се' почесто го нарекуваат „руски адвокат и главен лобист“. Патем речено, Шредер неодамна стана член на Руската академија на науките.
Кога се знае дека Русија има одлични економски односи со Италија и Франција, јасно е зошто Владимир Путин неодамна беше во Италија кај својот колега Берлускони, а првата посета во новата улога на премиер беше во Франција. Уште додека беше претседател Путин му вети на Саркози дека како премиер најпрво ќе го посети Париз.
Иако Путин во многу наврати кажа дека Русија е подготвена да соработува со сите кои за тоа имаат добра волја и интерес и да не прават разлика меѓу големите и малите, едно е лесно видливо - Кремљ се ориентира за стратегиски односи во Европа со Германија, Италија и Франција. За Русија тоа е гаранција дека Вашингтон нема да може да ги користи своите „тројански коњи“, т.е. земји кои до вчера беа членки на Варшавскиот блок сега на разни начини да вршат притисок врз Москва и ја ставаат во „тивка изолација“. Добрите односи со тие три големи земји од стара Европа и' овозможуваат на Русија да не се осврнува на разните притисоци што врз неа ги прават поранешните советски републики, а сега независни држави кои станаа членки на НАТО или допрва имаат намера да станат тоа. |