Американските бродови со помош ќе го напуштат Мјанмар
БАНГКОК - Американските воени бродови наскоро ќе ги напуштат водите во близина на Мјанмар откако владејачката воена хунта одби да даде дозвола за испорака на помош до делтата Иравади која беше погодена од циклон, изјави вчера висок американски командант. Адмирал Тимоти Китинг јави дека бродот „Есекс“ денес ќе исплови од поранешна Бурма, но неколку товарни хеликоптери ќе останат во соседен Тајланд за да помогнат во хуманитарните напори. „Доколку владетелите на Бурма го сменат мислењето и побараат наша целосна помош за нивното страдање, ние сме подготвени да помогнеме“, истакна командантот на американските сили во Пацификот, адмирал Китинг.
Мјанмар доби ветување за помош од повеќе милиони долари од САД, други влади и хуманитарни организации. Меѓутоа, хунтата одби да дозволи американската војска да помага во дистрибуцијата на помош во погодените области, очигледно поради страв дека меѓународна хуманитарна операција од голем обем би ја олабавила власта која генералите ја држат уште од 1962 година. Премиерот на Тајланд, Самак Сандаравеџ, во неделата изјави пред американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, кој беше во посета на Бангкок, дека хунтата ја одбила странската воена помош, бидејќи стравува дека тоа би можело да се смета за инвазија. (Ројтерс) |