Отворањето на „Четири скокалници“ за Моргенштерн
Водечкиот во Светскиот куп во скијачки скокови, Томас Моргенштерн, триумфира на отворањето на 59. Новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во Оберстдорф. Австриецот беше неприкосновен во германскиот зимски центар, каде што со скоковите од 131,5 и 138 метри освои вкупно 289,6 поени, дури 16,5 повеќе од Финецот Мати Хаутамеки, кој со својот втор скок се искачи од седмо место на второ. Мануел Фетнер беше трет со 264 бода, а неговата земја Австрија имаше петмина меѓу најдобрите десет.
Моргенштерн има четири победи во низа во годинашната сезона од Светскиот куп, но атакува на својата прва титула на „Четири скокалници“. Најпрестижниот настан во годината во овој спорт продолжува во Германија, каде што в сабота ќе се скока во Гармишпартенкирхен, пред да се пресели во Инсбрук на 3 јануари и да заврши три дена подоцна во Бишофсхофен. |