Број 3471  петок, 31 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Дипломатски магазин
Фељтон








Site Meter
Спорт

Уште една спортска година за заборав

Сивилото го освежија Пандев, Арсовски, Манев, Николовски и кошаркарите. Премалку за преодна оценка

Сашко Ѓ. Димовски

Уште една бледа година е зад Македонија на спортски план, иако очекувањата беа поголеми од минатата. Оваа што ги брои последните часови ќе ја паметиме по неколку моменти. Да не биде се' толку црно се погрижија Горан Пандев со петте титули со Интер, каратистот Жарко Арсовски со бронзениот медал од сениорското Светско првенство во Белград, кугларот Бранко Манев со двете злата на јуниорскиот мундијал во Риека и кајакарот Атанас Николовски со седмото место од СП во Словенија, каде што во полуфиналето беше најдобар.

Спортското сивило во домашни рамки барем малку го освежија и ракометарките на Ме��алург, кои дотуркаа до полуфиналето во Челинџ купот. Сепак, во екипните спортови кошарката беше таа што анимира најмногу гледачи во салите. Срцата на домашните фанови ги разгалија репрезентативците, кои во август речиси се прошетаа во квалификациите за ЕП 2011 во Литванија, а потегот на Кошаркарската федерација да го ангажира Лестер Бо Мекејлеб се покажа како полн погодок. Американецот е вистинско освежување во националниот тим и за кусо време стана миленик на македонската публика.

Со такво нешто не може да се пофалиме во ракометот. Во Автокоманда го имаме најтрофејниот тренер на просторите на поранешна Југославија во Лино Червар, човек предодреден на успеси и на клупски и на репрезентативен план, но освен маалските препукувања кој е подобар меѓу Металург и Вардар про, не извлековме ама баш никаков бенефит од неговото присуство во Скопје. Машката национална селекција не успеа да ги мине ни квалификациите во Адана и да се пласира во баражот за СП, женската, пак, за еден гол не успеа да обезбеди место на ЕП.

И фудбалски ја завршуваме годината со незадоволни апетити. Квалитетот во домашното првенство не се помести, условите околу мак-фудбалот останаа исти. Репрезентативно, рано завршивме уште еден циклус квалификации, овојпат за ЕП 2012, на клупски план сезоната на помрачување за Вардар и за Пелистер ја осветли Работнички, благодарение на кој во Скопје го видовме трофејниот англиски и европски гигант Ливерпул. Останатите во рамките на својата (не)моќ.

Тенисерите го допреа дното. Пред две години беа дел од Првата група на Евро-африканска зона во Дејвис купот, за во 2010 година да слезат до Четвртата. Подолу не можат и да сакаат.

Во ватерполото го имавме единствениот национален тим во екипните спортови што беше дел од континентален самит во 2010 година. На ЕП во Хрватска го освоивме последното место, но радост на домашната јавност приредија избраниците на Стеван Нонковиќ со победата над Грција во рамките на Светската лига.

И тоа е, горе-долу, се'. Премалку за љубителите на спортот во државава, на кои место македонските репрезенти тема на муабет им е на која телевизија или кабелски оператор можат да следат квалитетни спортски настани во странство. Освен неколку исклучоци во вид на ривалства од локален карактер, домашните случувања одамна ги заобиколуваат и семкарите.


#
Статијата е прочитана 829 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Челзи полесно дише, киксови на Арсенал и на Ливерпул
Отворањето на „Четири скокалници“ за Моргенштерн
Најлудото рели по 32. пат
Лејкерси ја прекинаа низата од три порази