Франција претпазлива со храната во рестораните
Од контролата на 1.725 ресторани за брза храна, девет ресторани привремено се затворени, а запленете се околу 400 килограми месо
Париз - Француските служби задолжени за санитарна заштита на населението за само пет дена, меѓу 27 јуни и 1 јули, посетија 1.725 ресторани за брза храна во Франција.
Резултатот на контролите се девет привремени затворања на ресторани, 43 пријави и заплена на околу 400 килограми месо и други прехранбени производи, кои ќе бидат уништени. Процентуално, од контролираните ресторани за брза храна, во 11 отсто биле забележани непочитување на хигиенските и здравствените норми.
Со контролата беа опфатени рестораните во Париз и на југот на Франција каде што приливот на туристи е најголем во овој период на годината. Годишно во Франција се вршат околу 110.000 контроли, но посетите се многу почести за време на летните одмори, посебно во туристичките региони.
Вкупно на листата за контрола се наоѓаат 20.000 места за продажба на храна, од кои 5.000 сендвичарници, 4.000 сендивчарници за ќебапи и уште 3.700 ресторани за брза храна. При контролите се применуваат секогаш истите методи. Инспекторите се појавуваат во рестораните ненајавено и проверуваат се' во нив, од тоалетите до фрижидерите, кои треба да бидат чисти и одржувани според правилата за хигиена. На пример, доволно е кантата за ѓубре да биде отворена или, пак, продукти кои нормално треба да бидат во фрижидер да бидат оставени на топло за да бидат изречени казни против сопствениците.
Најизложени на контролите се независните ресторани, кои претставуваат дури 80 отсто од сите ресторани, бидејќи во светски познатите синџири за брза исхрана обуката за хигиена се организира посовесно отколку кај малите сопственици и нивните вработени. Случаите предизвикани со труењето со бактеријата ешерихија коли е причина плус да се внимава уште повеќе во контролата на тоа дали се почитуваат сите хигиенски правила во рестораните. (МИА) |