Германската автомобилска индустрија соборува рекорди
Во првите шест месеци од годинава, германската автомобилска индустрија во погоните во Германија произведе околу три милиони автомобили
Автомобилот беше и остана најомилената играчка на Германците. Како инаку да се објасни фактот што на германската автомобилска индустрија и' оди подобро отколку кога било предходно. Германците купуваат автомобили, како никогаш и да немало расправии за заштита на климата и втроглавиот пораст на цената на горивото. Според тоа такво беше и расположението на претставникот на Здружението на германската автомобилска индустрија (ВДА) по повод претставувањето на податоците за првата половина од оваа година. „Очекуваме нови рекорди, и во извозот и во производството“, изјави претседателот на ВДА, Матијас Висман.
Во првите шест месеци од годинава, германската автомобилска индустрија во погоните во Германија произведе околу три милиони автомобили, што е најголема вредност досега. За тоа придонесе и порастот на новорегистрирани автомобили во Германија, но моторот на порастот, сепак, е извозот и тоа, пред се', во САД. И тука со над половина милион продадени возила, германските автомобилски компании ги соборија сите рекорди. Автомобилскиот пазар во САД е во пораст, но уште побрзо расте уделот на германските произведувачи. Втор растечки пазар е Азија, и тоа, пред се', економиите како на Индија и на Кина. Потенцијалот тука е уште поголем, бидејќи и куповната моќ на повеќе од две милијарди луѓе е во постојан пораст. Но, и покрај втроглавиот успех на прекуморските пазари, Западна Европа и понатаму останува најважна извозна цел на германските произведувачи на автомобили.
Но, секој пораст има свои граници. Претставниците на индустријата стравуваат дека токму откажувањето од нуклеарната енергија во Германија и стравот дека тоа би можело да ја поскапи електричната енергија, со себе може да повлече и некои ригорозни мерки, како што е преселување на производството во странство.
Сообраќајниот експерт Стефан Брацел не гледа така песимистички на иднината на автомобилската индустрија. Но, тоа, пред се', зависи од иновативноста на германските инженери. „Горивото може да ја надмине и цената од две евра по литар, но ако истовремено и моторите достигнат подобра искористеност тоа нема да влијае на популарноста на автомобилите и нивната продажба“, смета Брацел. Тој, исто така, смета дека влегувањето на електроавтомобилите на голема врата на пазарите ќе почека уште некоја година. „Се' уште батериите го прават електроавтомобилот поскап од бензинскиот и дизелскиот, па затоа со автомобилот на електричен погон се' уште не може добро да се заработи“, смета Брацел.
Германската автомобилска индустрија не е позната по мали возила кај кои не е тешко да се постигне потрошувачка од четири литри. Затоа, целото внимание, како што смета Матијас Висман, би требало да биде насочено кон постигнување подобра ефикасност токму во овој сегмент по кој германската автомобилска индустрија е најпозната. „Голема уметност ќе биде автомобилите како што се „мерцедес“ С-класа или БМВ серија 7 да се доведат до потрошувачка од пет литри, и тоа е најголем предизвик“, заклучува Висман. (Дојче веле) |