Летово нема казни за отпадот, туку само опомени
Покрај постојната „Пакомак“, Министерството за животна средина ќе лиценцира уште две фирми за управување со отпад од амбалажа
Сања Наумовска
Министерството за животна средина ќе лиценцира уште две фирми за управување со отпад од амбалажа. Во нив, и во веќе постојната „Пакомак“, ќе треба да се организираат сите компании кои од почетокот на овој месец имаат обврска да се грижат за својот отпад или, пак, да и' платат големи глоби на државата. Дотогаш, инспекторите за животна средина нема да казнуваат, туку само ќе изрекуваат опомени со рок во кој фирмите ќе можат да ги исправат неправилностите.
Не се предвидени глоби ниту за маркетите што набавуваат стока од компании кои се' уште не одлучиле како ќе се справуваат со својот отпад. Од Животна средина велат дека не постои законска обврска, ниту, пак, препорака што ја дали Министерството да не се соработува со овие фирми, туку тоа може да е само одлука донесена во рамките на деловната политика на секоја компанија.
„Благата политика без казнување ќе продолжи и во текот на идните еден-два месеца, во кои ќе се делат само опомени, иако Законот е во сила веќе две години, а еднаш, во почетокот на годината, беше одложена неговата примена“, вели Филип Иванов, директор на Управата за животна средина. Инспекторите летово интензивно ќе бидат на терен и ќе ги упатуваат фирмите да се одлучат за членство во „Пакомак“ или во новите фирми што очекуваат лиценца за работа. Ќе добиваат опомени, а казните ќе следуваат доколку по определениот рок и понатаму не го почитуваат законот.
Досега, обврската според Законот за управување со отпадна амбалажа ја исполниле 40 проценти од компаниите што го создаваат најголемиот дел од отпадот на пазарот. Тоа се речиси сите фирми од пиварската, месната, млечната, кондиторската индустрија и производителите на води. Сите се дел од системот на „Пакомак“, а ниту една компанија досега не ја избрала најскапата варијанта самата да се грижи за својата амбалажа. Останатите 60 проценти од фирмите се помали загадувачи што не создаваат големи количини отпад, но, сепак, имаат обврски според новиот закон.
Според податоците, во Македонија годишно се произведува околу 100.000 тони отпад од амбалажа. Од него најмногу, 40 проценти, се хартија и картони, 32 процента се пластика, 12 проценти стакло и 8 проценти конзерви. За еден тон отпадна пластика која нема да се рециклира до крајот на годината, Законот предвидува производителот да плати 310 евра глоба. За разлика од казната, сумата што ја наплатува „Пакомак“ за третман на истата количина отпад е 26 евра.
Покрај задоволувањето на еколошките стандарди и развојот на рециклирачката индустрија во земјава, со воведувањето на системот за селектирање на отпадната амбалажа ќе се отворат и нови работни места, особено за досегашните неформални собирачи на пластика. Минатиот месец, во Скопје започна проектот за ангажирање група од 19 Роми, кои легално ќе собираат амбалажа и ќе и' ја продаваат на „Комунална хигиена“. |