Секој Германец должи 24 илјади евра
Според статистиката, секој Германец, од новороденче до највозрасен, е должен 24 илјади евра. За да се прекине овој тренд на задолжувања, во Уставот е внесен амандман за должничка сопирачка, со која е пропишан лимитот на задолжување.
Должничката сопирачка, секако, се' уште не значи и намалување на огромните досегашни германски долгови што достигнуваат два билиона евра. За камати и отплата на ратите и понатаму ќе оди голем дел од парите на даночните обврзници. Моментално тоа е втора по големина позиција во сојузниот буџет и изнесува 40 милијарди евра.
Германскиот буџет последен пат беше избалансиран кон крајот на 1960-тите години. Секогаш се наоѓаат нови причини за нови задолжувања: од државните програми за субвенции во време на првата нафтена криза, преку трошоците за обединување на земјата, па се' до најновата финансиска криза и чадорот за спасување на банките.
На државата која стана кредитен зависник и' е забрането правење нови долгови според член 109 од уставот. Во принцип, до 2016 година забрането е земање нови кредити со цел да се отстрани дефицитот во јавните буџети.
Шеснаесет сојузни земји до 2020 година мораат состават крај со крај без никакво задолжување. Тоа е нивна доброволно преземена обврска која е запишана во уставот.
Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, се надева дека оваа година новиот долг нема да го надмине лимитот од 2 процента. Со тоа Германија, покрај Финска, Естонија и Луксембург, би била една од ретките членки на ЕУ, која не ја пречекорува највисоката граница на задолжувања од три отсто од општествениот производ, која е предвидена со европскиот Пакт за стабилност од Мастрихт. (МИА) |