КХВ одобри 10. емисија акции на Халк банка од 25 милиони евра
Комисијата за хартии од вредност на Халк банка а.д. Скопје и' одобри десетта емисија акции по пат на приватна понуда, со која се издаваат нови 146.545 обични акции, со вкупен износ од 1.465.450.000 денари или 21,5 милиони евра. Емисија е наменета за постојаниот акционер Халк банка А.Ш. Турција од Анкара, Турција. Зголемувањето на основната главнина на банката е за да се обезбеди оптимална адекватност на капиталот во наредниот период.
На седницата на Комисијата, Друштвото за управување со инвестициски фондови „Илирика фунд менаџмент“ а.д. Скопје добило одобрение да емитува 20.000 обични акции во вкупен износ од 200.000 евра. Третата емисија акции се врши со нови влогови и е наменета за институционалниот инвеститор и постојан акционер на друштвото – Илирика ДЗУ д.о.о Љубљана, Република Словенија. Докапитализацијата се прави заради покривање на неопходните трошоци во работењето и адекватност на капиталот.
Друштвото за застапување во осигурувањето - АМГ „Премиум“ АД Скопје, пак, доби одобрение да издаде 35.000 обични акции во износ од 35.000 евра. Со решение на КХВ, утврдена е како успешна понудата за откуп на акции издадени од Друштвото за производство на хартија и амбалажа „Комуна“ а.д. Скопје, дадена од „Дуропак ГмбХ“ - Виена, Австрија. Така, „Комуна“ и формално правно е преземена од австрискиот инвеститор, кој се стекна со 179.182 обични акции што обезбедуваат учество од 68,8 проценти од акциите со право на глас издадени од „Комуна“. (Ек.Р) |