МАГАЗИН
Вистинско празнување на животот
„Колдплеј“ со нов материјал – „Viva La Vida“, вајарско дело на неповторливиот Брајан Ино
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
Албумот „Viva La Vida“ на британскиот бенд „Колдплеј“ е негов најнов изблик на ентузијазам или френетичко празнување на животот во сите негови димензии. Станува збор за едно од најбараните бендовски имиња во денешната музика, а својот зародок го имаше во 1997 година во земјата од каде што и доаѓаат – Британија. Во време кога наголемо почна да се плука по т.н. брит-поп, кога бендот „Оејзис“ беше дочекуван на нож дури и во Британија, кога главнината од бендовите што царуваа на Островот се распаднаа („Верв“, „Суед“, „Палп“), кога „Рејдиохед“ заталка во експериментални води, на сцената блесна еден нов и свеж бенд што ја оживеа националната традиција на клавирски песни со рок-гитари и певливи рефрени. Успехот мораше да следува. Оската на сите музички движења е мултиталентираниот фронтмен Крис Мартин, па потоа се надоврзуваат и одличните инструменталисти - гитаристот Џони Бакленд, басистот Беримен и тапанарот Вил Чемпион.
Оваа музичка екипа досега продаде околу 32 милиона копии од своите албуми, а доби и „Греми“ за нумерата „Clocks“. Бендот почна со албумот „Parachutes“ во 2000 година, па потоа следуваа и студиските албуми „A Rush of Blood to the Head“ (2002), како и претпоследното остварување „XиY“ (2005). „Viva La Vida“ инаку е четврти студиски албум на „Колдплеј“ и, како што би рекле злобниците, тој е вистинска патека што води кон спас од жабурнакот што во последно време ја навјаса нивната музика. Тие решија да се одделат од сето она што е типично и видено во денешната музика и да го најдат спасот во духот на францускиот романтичар Ежен Де��акроа и мајсторските вештини на Брајан Ино. Крис Мартин и неговата музичка дружина (Џони Бакленд, Гај Беримен и Вил Чемпион) по блескавиот успех во 2005 со „XиY“ и мамутската светска турнеја отидоа на принуден одмор што траеше до минатата година, кога нивните фанови ги заплисна убавата вест дека првоборецот на амбиенталната музика Брајан Ино ќе го продуцира новото албумско чедо на „Колдплеј“. Како мало потсетување за оние што подзаборавиле, секако, е фактот дека токму Ино со албумот „The Joshua Tree“ му ги даде историските димензии на бендот „У2“, што не е случајна споредба, затоа што многумина ги споредуваат Крис и момците со она што беше на времето Боно Вокс со својата екипа.
Оние што го следат творештвото на „Колдплеј“ со сигурност тврдат дека на носечкиот сингл на албумот „Viva La Vida“ најмногу се чувствува духот и зачинот на Ино. Спојката и очигледната претенциозност со романтичарот Ежен Делакроа се чувствува најсилно на каверот на ова ново цеде, каде што е претставен фрагмент од неговата популарна слика „Слободата го предводи народот“. Со оглед на се' посилните политички ставови и ангажмани на бендот во последно време, токму оваа компарација може да е во функција на она што претставуваше и таа фотографија – прво, јасно искажување политички ставови за одредено прашање. Од друга страна, критичарите велат дека „Колдплеј“ звучи и најзрело досега, иако нема некои гигантски комерцијални хитови на прва топка од типот на „Yellow“, „Clocks“, „In My Place“ или „The Scientist“. Интересно е тоа што Брајан Ино тука е на висина на својата задача со својот продуцентски габарит и тој со сета сила ја вдахнал својата вонземска широка продукција, а истовремено го зачувал и интимното обраќање карактеристично за „Колдплеј“. Тука е присутен и познатиот поп-сензибилитет, кој секогаш е неодминлив шлаг на нивните албуми, што секако го прави албум за респект од бенд што претендира да остане запишан во историјата. По сите овие успеси, бендот објави дека следната година сите фанови можат со сигурност да очекуваат нов албум каде што ќе биде поместена и соработка со австралиската дива Кајли Миног.
Кој е бендот ,,Колдплеј”
КРИС МАРТИН (31) е лидер на бендот кој, покрај тоа што ги пее главните вокали, одлично свири на пијано и на ритам-гитара. Тој поседува одличен колоритен баритон и одлично добро се снаоѓа и во своите чести фалсетски импровизации во песните. На 5 декември 2003 година се ожени со убавата актерка Гвинет Палтроу, со која ги има децата Епл Блит Елисон Мартин и Мојсеј Брус Ентони Мартин. Кумови на нивните деца се познатиот комичар и нивни близок пријател Сајмон Пег и бендовскиот колега Бакленд, а интересно за Крис Мартин е што тој е вегетаријанец исто како и неговата позната сопруга, Гвинет.
ЏОНИ БАКЛЕНД свири гитара од својата 11. година. Своите бендовски колеги ги сретнал на Универзитетскиот колеџ во Лондон, а признава дека негови вечни идоли ќе бидат Џими Хендрикс и Џорџ Харисон. Неговото ѕвонливо свирење, според многумина, потсетува на тоа на Еџ од „У2“. Силната поврзаност меѓу него и фронтменот е евидентна во изјавите на Крис Мартин дека „Колдплеј“ и неговата музика не би постоеле без Бакленд. Тој живее во Лондон со својата долгогодишна девојка Клои Ли Иванс, креаторка на накит, а нивното прво дете Вајолет се роди минатата година.
ГАЈ БЕРИМЕН е човекот кој свири бас со десна рака, иако е левак. Во бендот е од почетокот, а посакал да биде негов член веднаш откако ги слушнал песните што ги пишувал Крис во средношколските денови. Ја оставил архитектурата за да свири со „Колдплеј“ и, иако другите продолжиле со студирањето, тој решил да прекине и да работи како бармен. Во 2004 година се оженил со Џоена Бристон, негова долгогодишна љубов со која има и ќерка, а нивниот брак се распаднал само по три години. Луд е по технички новитети и производи, а на листата на најбогати до 30-годишна возраст во Британија се наоѓа на четвртото место.
ВИЛ ЧЕМПИОН е вистински мултиинструменталист, иако во „Колдплеј“ ја има само улогата на тапанар. Израснат е со Том Вејтс и со традиционална ирска музика. Од мали нозе научил да свири на гитара, а одлично се снаоѓа и на пијано, бас. Крис за него вели дека е вистински човечки џубокс и дека подобро свири на гитара отколку на тапани. Во брак е со Мериен Дарк, со која ги имаат ќерката Ава и близнаците Јуно и Рекс.
За албумот ,,Viva La Vida”
Ст��нува збор за четврт албум на англискиот алтернативен рок-состав „Колдплеј“. Тој стаса во музичките продавници на 12 јуни, проследен со два сингла – „Violet Hill“ и „Viva la Vida“, кои одѕвонуваа цел мај и јуни на медиумите низ светот. За вртоглавиот успех на овој албум придонесе добрата рекламна кампања што резултираше со продажба од дури половина милион копии само за десет дена од неговото објавување. Како што обично и бидува во светската музичка машинерија, носечката песна на овој албум беше купена и искористена од страна на „Епл“ во рекламните цела на продажбата на нивниот производ ај-под. Веројатно вртоглавиот успех на овој сингл поттикна и лавина реакции по појавувањето обвинение што ги товари членовите на „Колдплеј“ за плагијаторство на оваа песна. Имено, лидерот на не толку познатата група „Creaky Boards“, Ендрју Хефнер, упорно тврди дека токму Крис Мартин од „Колдплеј“ ја „украл“ нивната заразна мелодија кога се нашол случајно на една од нивните свирки. Нејаснотиите и повторните разгорувања на оваа медиумска голгота беа стопирани кога портпаролот на „Колдплеј“ изјави дека Крис Мартин во тој период бил стациониран во Лондон, каде што работел на албумот и дека не е можно да присуствувал на нивните свирки.
Генерално, во суштина, сите критичари го почувствуваа овој албум како експериментален и би рекле – една плоча исфилувана со доста политика, во која се испреплеткани многу теми и слики на војна, религија и смрт. Мора да се признае дека, и покрај неколкуте пријатни изненадувања, сепак, се чувствуваат творечкиот замор и безизлезот на Крис Мартин, кој се потпира на старите разработени и зихерашки потези.
Во основа, наголемо се чувствува семејниот живот речиси на сите членови на кои рокенролот не им е баш на прво место и работат само под притисок на најавените концерти и промоции. Но, сепак, не е чудно сето ова добро да помине (како што и поминува) затоа што цел албум се потпира на добро прифатените темплејти на „Колдплеј“ кои не може да бидат промашување, иако веќе се добро преџвакани. Иако целиот материјал на албумот е добро спакуван во нова амбалажа на продуцентот Брајан Ино, сепак, во основа е евидентна креациската кусогледост. |