МАГАЗИН
Јас сум средината помеѓу Барбара и Ивана
Хрватската актерка Кристина Крепела го толкува ликот на Барбара, млада богата девојка од „Не давај се, Нина“
АНДРИJАНА РИСТЕСКА
За себе вели дека е номад во душата, голема романтичарка и по малку старомодна, додека критичарите ја опишуваат како голем професионалец, харизматична и мила личност. Кристина Крепела или Барбара од „Не давај се, Нина“, иако има само дваесет и осум години, зад себе има огромно театарско и филмско искуство. Зборува повеќе странски јазици, а најубаво се чувствува кога престојува во Лондон и во Њујорк. Во последното свое филмско остварување „Празници во Босна“ му беше партнерка на Ричард Гир, за кого вели дека ја воодушевил со едноставноста и шармот.
Гледачите во Македонија те познаваат како Ивана Мајдак во серијата „Љубов во офсајд“ и Барбара од „Не давај се, Нина“. Едната е амбициозна новинарка, а другата богата млада девојка на која и' се битни само изгледот и Давид, поради кого често има љубоморни испади. Која улога ти е поблиска?
- Секогаш ми е тешко да одговорам на такви прашања. Во секоја улога на која работам вложувам дел од себе, тоа е неизбежно и мора да биде така. Сепак, тие ликови и улоги дишат низ мене, а јас треба да ги оживеам. Меѓутоа, и едната и другата се плод на мојата креативна фантазија, набљудување на светот и животот околу себе. Двете во многу работи се разликуваат од мене и мислам дека актерите секогаш треба да ја одвојат улогата од она што се приватно. Но, исто така, сметам дека актерите не треба многу да зборуваат за својот приватен живот, така ги ставаат во сенка своите улоги и својата работа, бидејќи тогаш публиката не не' доживува низ улога��а, погледот им е премногу замаглен од приватните приказни.
Глумеше рамо до рамо со Ричард Гир во филмот „Празници во Босна“. Како се чувствуваше за време на снимањето, имаше трема или беше полна со самодоверба? Раскажи ни нешто за филмот, за тоа каков партнер е Гир, како помина премиерата во Њујорк и колку тоа искуство ти го промени животот…
- Ричард Гир, пред се', е прекрасен човек. Нормално дека имав огромна трема, бидејќи добив можност да играм со толку голем и одличен актер каков што е тој. Чувствував голема одговорност за тој проект и за мојата улога. Но, кога го запознав Ричард, сфатив дека тоа ќе биде прекрасно искуство и мојата трема се замени со голема желба да ја одиграм улогата успешно. Тој со својата релаксираност, со шармот и неверојатната животна едноставност направи се' за да се чувствувам олабавено и среќно во секој момент. Тој е прекрасен партнер и во моментите на снимање на заедничките сцени себеси се ставаше во втор план и велеше дека тоа е мој момент, па ми помагаше повеќе да се истакнам. Среќна сум поради тоа што запознав прекрасни луѓе и, всушност, тоа е најубавото нешто. На пример, во Њујорк беше волшебно. Стотици папараци се собраа на црвениот килим и владееше целосна хистерија. Покрај Ричард, тука беа и Теренс Хауард и Џеси Ајсенберг, кои исто така ги играат едни од главните улоги, а имав чест Дона Каран да седи покрај мене во публиката. Се надевам дека животот повторно ми подготвува такво прекрасно искуство какво што беше ова.
Постои ли разлика кога партнерот на сетот е голема холивудска ѕвезда, хрватски актер или можеби Латиноамериканец, како што беше случајот со Енрике во „Љубов во офсајд“?
- За мене не постои разлика, секој ми е еднакво битен исто како и улогите што ги работам. Мој животен став отсекогаш бил дека секоја чесна работа е добра работа. Не правам разлики. Еднакво ми се важни улогите во детските претстави и оние што ги работев со холивудските продукции и хрватските серии. Секогаш имам иста одговорност за секоја работа и огромна желба за што подобро да ја обработам улогата што ми е доделена. На улогите и сапуниците им пристапувам како да снимам холивудски блокбастер, а на улогите во детските претстави како да настапувам на Бродвеј. Ако се согласам нешто да работам, тогаш го правам тоа докрај и во се' внесувам иста количина енергија. Секогаш ми е важно да имам добра соработка со своите партнери, бидејќи глумата е заедничка игра, размена на чувства и енергија.
Твоја прва љубов е свирењето клавир, зошто го промени мислењето и продолжи на Факултетот за драмски уметности? Жалиш ли некогаш поради тоа што не продолжи да се занимаваш со музика?
- Паралелно учев гимназија и средно музичко училиште, по матурата требаше да се одлучам што сакам да студирам. Во тоа време веќе три години интензивно работев на Хрватската телевизија како водителка на многу популарната емисија за деца и тинејџери „Брилијантин“. Тогаш ми се јави и желбата да станам актерка, а и многумина ме поттикнуваа да се запишам на драмската академија. Нормално дека во тој момент морав да им кажам „не“ на музиката и на свирењето клавир, но не жалам, среќна сум со работата со која се занимавам бидејќи, како и музиката, глумата е уметност што ми дава можност да се изразам низ неа.
Зад себе имаш искуство во театар, снимање сапуници, филмови... Што те исполнува повеќе и како се гледаш себеси во иднина?
- Еднакво ме исполнува кога работам во театар, на филм, па и кога снимам серии. Глумата во своите корени и базата секогаш е иста, но за мене е наполно поинакво искуството да се работи на сцена и пред камера. И театарот и филмот, односно телевизијата, имаат свои законитости и правила кои се разликуваат во многу нешта. Но, за мене се еднакво возбудливи и предизвикувачки. Во својот актерски живот би сакала да го одржам тој баланс и исто да бидам присутна во двата медиума. Незаменливо е чувството кога се игра пред публика која во тој момент присуствува на нешто неповторливо, бидејќи театарската претстава од една во друга вечер е сосема поинаква, тоа е жив организам што се менува и дише. Исто така, волшебно е да се глуми пред камера која на актерот може да му биде најголем пријател, но и најлош непријател, бидејќи таа гледа се', нема лаги и лицемерство, но на актерот му дава можност за минијатурни игри со поглед.
За иднината не размислувам премногу, тоа ме оптоварува и ми создава отпор. Многу подобро се чувствувам кога ќе пуштам да ме носи реката на животот и имам верба дека ќе се случат убави работи. Единствен план ми е да ги остварам своите цели, а другото ќе си дојде само по себе, верувам во тоа.
Велиш дека си романтичарка и голем емотивец, што те растажува најмногу, а што те прави среќна?
- Среќна ме прави чувството на добро обработена улога, кога знам дека публиката ужива во претставата, детска насмевка, ситници што значат живот. Секогаш ме растажуваат неправда и агресија, недоразбирање и површност во сите аспекти од животот. Но, најмногу од се' ме прави тажна кога ќе запознаам луѓе кои ја изгубиле својата цел во животот, бидејќи тогаш, всушност, се изгубиле себеси.
Имаш долгогодишна врска, планираш ли наскоро да го кажеш судбоносното „да“?
- Кога ќе се случи тоа, сигурно ќе дознаат сите.
Важиш за една од најдобро облечените Хрватки. Дали можеби си зависник од мода и колку ти е битно твојата облека да има потпис од познат креатор?
- Ја сакам модата и сметам дека таа е уметност. Некои модни креатори навистина прават уметнички дела. Ми се допаѓа тоа што и низ облеката можеме да се изразуваме себеси, но најважно е да го задржиме чувството на леснотија и игра. Сакам да се чувствувам добро во фустанот што го носам и, нормално, да ми се допаѓа. Не сум зависна од трендовите и не ми е важно да имам потпис од некој славен моден креатор. Понекогаш ми е многу послатко кога ќе отидам во Лондон или во Загреб и ќе најдам некое парче без име, а наполно полудувам по чевли, колку пооткачени толку подобро.
И за крај, со што ќе се занимаваш во текот на летото?
- Тукушто завршив со снимање на пилот-епизодите на новата серија, која се надевам дека ќе почне со снимање наесен. Не можам да ви кажам за што станува збор, но кога ќе биде готова, сигурна сум дека многу ќе се смеете. Наскоро заминувам за Дубровник, каде што ќе бидам една недела во жирито на медитеранскиот филмски фестивал „Либертас“ и многу се радувам поради тоа. А потоа ќе видиме за понатаму.
|