Хуманитарна аукција на битолскиот „Монмартр“ за доизградба на манастирот на Тоше во Крушево
Во средата, беа продадени три дела од младите ликовни творци по цена од 6.000 денари за слика
Битола – „Мал битолски Монмартр“ преку продажба на најубавите дела создадени на годинешното издание на фестивалот ќе се обиде да помогне во изградбата на манастирот „Св. Преображение“ во Крушево, чиј ктитор беше Тоше Проески.
На првиот дел од хуманитарната аукција, која започна во средата, беа продадени три дела од младите ликовни творци по цена од 6.000 денари за слика. „Се одлучивме најубавите дела на бисерите на ’Мал битолски Монмартр‘ да ги понудиме на аукција, со намера и граѓаните на Битола со свој прилог да учествуваат во доизградбата на манастирот што го градеше Тоше. Многу сме задоволни што успеавме да собереме 18 илјади денари за една вечер“, вели Никола Главинче, портпарол на „Мал битолски Монмартр“.
За почеток на продажба се изложени 120 дела, но, како што велат организаторите, доколку има интерес, покрај нив ќе бидат достапни уште 150 дела кои се во депото на битолскиот „Монмартр“. За време на тридневната аукција, бисерите на „Мал битолски Монмартр“ ќе бидат изложени од 18 до 20 часот пред седиштето на Детското ликовно студио во Битола, кое е лоцирано во срцето на Старта битолска чаршија. (А.Б.) |