Брoj 2728  петок, 04 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

МАГАЗИН

Шоуто на Опра Винфри најдобро и најплатено

Најдобрите ток-шоуа во светот се прават по рецепт: добра продукција, одлична сценографија и харизматичен водител

Ивона Саздовска

Едни од најгледаните емисии во светот се ток-шоуата, кои по правило чинат многу. Не ретко водителот е мултипопуларен лик со неверојатна харизма кој успева да го задржи вниманието на аудиториумот, а притоа за себе да искешира хонорар од кој боли глава.

Во емисија гостуваат светски ѕвезди кои секогаш се подготвени да откријат некоја нова пикантерија или трач било да станува збор за нив или за некој друг.

Што е потребно за да се направи добро телевизиско шоу? Во САД буквално лудуваат по Афроамериканката Опра Винфри, која стана заштитен знак на својата земја и чие ток-шоу ја постигна рекордната гледаност во историјата на американската телевизија. Моментно е најдолго дневно телевизиско ток-шоу кое, верувале или не, се емитува уште од далечната 1986 година и досега се снимени 22 сезони, а заклучно со 2007 година вкупно се реализирани 3.000 емисии.

Емисијата е особено влијателна кај понежниот пол, бидејќи повеќето од темите пенетрираат во американската поп-култура и последиците од неа.

Во почетниот концепт акцентот бил ставен на сензационално-социјални теми, додека во средината од серијалот Опра го свртела вниманието кон позитивноста и спиритуалноста, промовирајќи читачки клубови, интервјуа со славни личности, хуманитарни проекти и филантропски погледи на светските случувања.

Истакнувајќи се како голем хуманитарец, Винфри во неколку наврати ја потврдила својата великодушност, отворајќи ја Академијата „Опра“ во Африка, донирајќи средства за изградба на домо��и на оштетените семејства од ураганот „Катрина“, како и годишна донација од милион долари на организациите за борба против ракот на дојката и светските организации за заштита на децата. Ваквиот пристап и' го наметна епитетот кралица на срцата и ја направи најмоќна жена за 2008 година според списанието „Пипл“, а нејзиното шоу досега било наградувано безброј пати.

Нејзината долгогодишна пријателка Глен, со која често заминува на патување низ неоткриените делови на Америка, во една пригода изјавила:

„Во нејзината емисија нема да видите сценографија од која ќе паднете во несвест, ниту вонсериско лајт-шоу, но ќе ги видите нејзиното големо срце и нејзината потреба да им помага на другите“.

Американецот Лари Кинг е уште еден телевизиски и радиоводител кој не знае за сопирање. На телевизијата Си-Ен-Ен тој е присутен уште од далечната 1985 година. Концептот на емисијата ја задржал автентичноста во сите изминати години, што подразбирало заднина од сино-црни тонови и микрофон со изглед како од 1985 година.

Според него, целта на емисијата е да ги сослуша сите оние кои имаат што да кажат. Досега низ неговото студио продефилирале најголемите имиња од светот на шоу-бизнисот, но и поранешни осуденици, криминалци или наркозависници кои сакале да ја раскажат својата животна приказна.

Лари Кинг стана особено гледан откако почна да го следи судењето на познатиот О’Џеј Симпсон, кого во неколку наврати јавно го прогласуваше за невин, долго пред да ја донесе судот конечната одлука. Неговата контроверзност неколку пати била причина и за конфронтирање меѓу гостите.

Во 1987 година, Кинг преживеал срцев удар, а лекарите сериозно му забраниле каков било напор или стрес. Само по неколку месеци пауза, тој се вратил на работното место, подготвен да ја продолжи забавата.

Многупати е наградуван за својата работа и придонес, а особено е позната неговата изјава: „Добар водител е оној што крева толку прашина зад себе за сите да можат да гледаат, но да не видат ништо“.

Телевизискиот домаќин и еден од најнаградуваните водители со „Еми“е комичарот и актер Дејвид Летерман.

Неговиот успех започнал со емитување на емисијата „Доцна навечер со Дејвид Летерман“, а подоцна шоуто било преименувано во „Доцна навечер“, каде што акцентот бил ставен на иронијата на Летерман, која понекогаш се квалификувала и како апсурдна, но зачинета со многу хумор.

Тема на неговиот потсмев, пред се', се политичарите, но веднаш зад нив се сите холивудски ѕвезди и нивните каприци кои ги полнат страниците на жолтиот печат.

Во неговата емисија гостувале Дру Баримур, Реј Романо, Роби Вилијамс, Бил Мареј, Џулија Робертс, Брус Вилис и уште многу други.

Наспроти енергичноста што ја покажува пред камерите, Летерман е со слабо здравје, по операцијата на срцето и вградувањето бајпас строго му бил забранет каков било напор или непотребна физичка активност.

Само неколку месеци подоцна, Летерман се вратил пред ТВ-камерите со изјавата: „Она што нема да ме убие, само ќе ме натера да бидам уште посмешен“.

Без конкуренција, најлуд меѓу водителите е Џеј Лено, кој знае да направи вистинска будала од себе само за да ја измами насмевката на својата публика.

Неговото шоу е базирано на хумор, хумор и само хумор. Според него, кога се смеат, на луѓето можете да им ја кажете и најголемата лага или вистина, а тие да не ве сфатат сериозно.

Препознатлив е по големата шолја за кафе на која е испишано неговото име и правилото дека секој гостин добива иста таква со потпис, алудирајќи дека еден ден тоа име ќе вреди милиони, како што прават големите ѕвезди. Иронијата, која особено ја изразува зборувајќи за политичарите, смета дека е потребна и здрава, затоа што на крајот на денот сите ги зборуваат истите глупости и си легнуваат со иста мисла - како да си „поиграат“ со Америка.

Покрај како водител, Џеј Лено се докажал и како актер, писател и продуцент.

„Ги сакам моето студио, мојата екипа и мојот хонорар. О да, драги мои, проклето ги сакам моите зелени пријатели. Особено кога знам дека на нив стои ликот на мојот американски татко, кој тотално згрешил кога одлучил да ме направи вака луд. Му благодарам за тоа од срце“, изјавил Лено во една од емисиите.

Интересно е дека неговата гледаност можеби не ги надминува рекордите, но успешно опстојува веќе 16 години, при што во вечерните термини крајно духовито и оригинално на својата публика и' порачува: „Ако не ме гледате мене, тогаш исклучете го телевизорот“.

Нашиот репер е ХТВ

Водителката на телевизија Сител, Лила Стојановска, вели дека добро ток-шоу може да се направи и кај нас само доколку се одвојат пристојни средства и ако зад него застане добра продуцентска куќа.

„За добро телевизиско шоу е потребна продукција што ќе биде подготвена да даде многу пари, која ќе подготви весела и автентична сценографија, која ќе има бенд за да ја забавува публиката и ќе повикува гости не само од домашната, туку и од балканската, па доколку е возможно - и од светската сцена“.

Нејзиното мислење го дели и колегата Александар Блажевски, кој вели дека кај нас се' што се прави е само обид да се дојде до некој облик на ток-шоу.

„Кај нас репер за телевизија се Нова и ХТВ. Единствено што се трудиме е да направиме бледа копија на оригиналот, која по правило или кратко трае или е неуспешна. Ние сме мал простор и со добар тим можеме да направиме вистинско ток-шоу кое ќе биде оригинално и успешно за публиката. Меѓутоа, јас сум оптимист. Гледам дека се отвораат нови медиуми, кои нудат новини, па постои надеж дека работите ќе тргнат на подобро“.

На екраните е присутен и Бојан Јовановски - Боки 13-ка, кој лично смета дека е вистински шоумен и дека на публиката и' го дава тоа што го бара

„Зад мене стои продуцентска куќа која одлично си ја врши работата. Мое е да ја забавувам публиката и да и' го понудам тоа што го бара. На моменти комичен, контроверзен, забавен, со цел зад себе да кренам доволно прашина и јас, но и моите гости. Искрено, не гледам ништо лошо во тоа, туку напротив, само поголема популарност и гледаност на емисијата“.

И Мелита Ракичевиќ со сличен став околу ток-шоу емисиите.

„Според мене, спонтаноста е почетната станица на проектот наречен ток-шоу. Олабавеноста на гостите е дополнителен начин да направите добра емисија и да ја задржите гледаноста. Кај нас работите се поставени погрешно, па ние, покрај тоа што ја водиме емисијата, мораме да се грижиме и за спонзорите, за сценографијата, да бараме продуцентска куќа што ќе застане зад нас и на крајот да изгледаме совршено пред ТВ-камерите. Кога сето ова би било поинаку конципирано и кога би ја немало површноста кај водителите, можеби би успеале да направиме успешни емисии што ќе и' го задржат вниманието на публиката“.


Статијата е прочитана 399 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Хуманитарна аукција на битолскиот „Монмартр“ за доизградба на манастирот на Тоше во Крушево
Со годините станувате дел од семејството на своите гледачи
Вистинско празнување на животот
Јас сум средината помеѓу Барбара и Ивана
БЈР