Брoj 2728  петок, 04 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

МАГАЗИН

Со годините станувате дел од семејството на своите гледачи

Горан Милиќ, познат и признат претставник на седмата сила, раскажува за неминливите животни категории

ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА

Горан Милиќ е етаблирано новинарско име кое својата биографија ја градеше на неколку култури и поднебја - како новинар и уредник во Белград, Сараево и Загреб. Политиката се' уште му е предизвик, иако вели емисии од овој тип му се предвидливи поради тоа што добро ги познава и новинарите и политичарите. Како живее денес, колку заработува, ги помни ли демоните од минатото - на сето тоа без ракавици нашиот соговорник одговараше мирно и трпеливо.

Познат како голем фудбалски фан, Горан Милиќ не' предизвика интервјуто да го започнавме токму со топката. Бидејќи беше на местото на настанот на фудбалското првенство, еве како тој размислува за поразот на хрватската репрезентација.

„Глупо е што испаднавме во последната секунда, што не загубивме ниту еден натпревар, а добивме три, ама не бевме лоши. Секако, многу подобри отколку што бевме против Македонија во Скопје“.

Да се случуваше натпревар меѓу Хрватска и Србија, на чија страна ќе застаневте?

- Пред војната, би навивал за Хрватска ако се играше во Белград, а во Загреб ќе седев меѓу српските навивачи. Тогаш мислев дека тоа има смисла. Денес исклучиво и единствено ќе навивав за Хрватска - и на сон и во јаве.

Многу патувате, а Вашите репортажи имаат особеност, бидејќи се чувствува дека ги правите со мерак, дека сте во сјајна нераскинлива врска со добрата храна, правите пријатни разговори со неоптоварени луѓе... Тоа доаѓа со годините, искуството, тој мир...?

- Со време добивате право на грешка, на лично претставување и станувате дел на семејството на своите гледачи. Тогаш им покажувате и зборувате за она што нив би ги интересирало, а телевизијата не им го давала тоа, туку се поставувала „од високо“. Демек, ние сме новинари и тука сме да ви кажеме умни и софистицирани информации, а никако колку чини кафето на Азурен брег или спиењето во Виена.

Она по што многумина Ве паметат сигурно е „револуционерната“ најава на концертот на „Бијело дугме“ на белградските вести. И тоа во „сериозно време“ кога таков потфат беше апсолутно невозможен. Знаевте да освежите и да развеселите со некои весели, распеани нешта?

- Па, да. Тоа беше еден поглед на Дневник. Важно е она што најмногу ги интересира гледачите тој ден. А од седницата на Социјалистичкиот сојуз на општина Палилула луѓето најмногу ги интересираше Горан Бреговиќ на Топчидер.

Колку кршењето на табуата беше ризична работа?

- Тоа почнав посериозно да го работам како дописник од Америка, продолжив со ТВ Дневник 1986 и 1987 година, а тогаш ТВ Белград почна да се менува, се вратија оловните времиња, па си отидов.

„Јутел“ е во убави спомени во меморијата на сега веќе посериозни гледачи. Заедно со Гордана Суша станавте популарни и омилени телевизиски ликови. Дали сето тоа се смени во војната во Југославија. Дали Србите Ви го простија заминувањето во Хрватска, во Загреб, одите ли често во Белград и како Ве примаат таму?

- Тоа е тешко да се генерализира. Со некои луѓе во Србија сум во многу добри односи. Другите очигледно не можат да ми го заборават ставот спрема српскиот напад на Сараево и БиХ, како и одењето во Загреб. Но, мислам дека е помалку важно што тие мислат за мене, туку она што јас го мислам за нив. Колку и да им е тешко тоа да го прифатат, секој ден се' повеќе се уверувам во истото тоа.

Дали расчистивте со демоните од минатото, еден период имавте и политички проблеми. Патем, Ви пречи ли што задолжително ја чепкаме темата - Срби VS Хрвати?

- Не ми пречи. Еден новинар на „Ферал“, откако сите весници во Хрватска и Србија се натпреваруваа кој повеќе ќе ме нападне, напишал нешто како чудење – „Зошто толку него?! Ниту убиваше ниту крадеше?“ И тој умниот и најдуховитиот новинар на Хрватска - Чичи Сењановиќ првин излета од „Ферал“, а сега е суспендиран во „Слободна Далмација“.

Од кого Вие учевте занает и имате ли свои следбеници? Подучувате млади новинарски кадри.

- Доколку гледате ХТВ, со мене работеше уредникот на ТВ Дневник Зоран Спрајц. И денеска тој ќе ви каже дека учел од мене. Па, не можам да се сетам дали во Белград накусо му предавав на Ивица Дачиќ? Во Загреб со мене работеа млади луѓе кои се денес уредници - Синиша Ковачиќ, Сања Смиљањиќ, Марио Рагуз... А, јас најмногу научив од Момчило Поповиќ, кој е сега покоен, од ТВ Белград. Ме научи дека телевизискиот речник е видливо поинаков од пишаниот текст.

Што Ви изгледа најважно од оваа временска дистанца за еден новинар - актуелност, остроумен речник, луцидност во пренесување на информацијата...?

- Доколку морам да бирам помеѓу овие три поставки, тогаш ја земам последната. Затоа што е важна брзината, но на луѓето некоја вест треба да им се презентира затоа што е важна, затоа што случката е поинаква или е токму иста онаква како што беше пред 20 години.

Сега сте уредник на информативни политички и економски емисии, на „Бришан простор“, имате ангажмани во весници... Дали Ви недостасува зголемувањето на професионалниот адреналин, жешки теми, актуелности или тоа им се препушта на оние кои допрва чекаат докажување.

- Во последните три години го уредував и го водев неделниот ТВ Дневник. Секоја недела го работев политичкиот магазин „Бришан простор“ и секое лето наместо на одмор, работев по десетина патеписни емисии во траење по 45 минути. За човек на моја возраст, тоа е рекорд над рекордите. Никој од мојата генерација не работи толку, можам да се обложам!

Можете ли со приходите што ги имате да си дозволите себеси луксуз, да речеме - интересен одмор, тренди зимување, гардероба со потпис?

- Во последните три години имам одлични приходи, дури и за западноевропски стандарди. Но, излегов од војната со „ништо“, ми го одзедоа станарското право на 100 квадрати во Белград, ми ја запалија дедовината во Слано, а на мојот пат од военото Сараево друштво ми правеше една торбичка и 100 германски марки. Четири години бев без постојана работа во Х��ватска... Така, овие три години се премалку време за да ми се надополни загубеното.

Каков татко сте, имате и ќерка и син. Дали е точно дека ќерките се повеќе врзани за татковците и дали е класика дека бараат и такви мажи? Што е со синот, колку Ве слуша?

- Ќерка ми дипломираше право во февруари на својот 24. роденден и се вработи кај еден адвокат веќе следната недела. Порано мислев дека син ми е поемотивен спрема мене, но сега се израмни и среди. Марко, кој има 14 години, заврши основно училиште, влезе во пубертет и јас сум во втор план. Се заборавија патувањата низ светот и се' за што тато се грижеше. Но, тоа ќе трае десетина години, додека тој не наполни 24, додека не дипломира и повторно се врзе за родители. Така се надевам. Децата навистина ми се добри. А, и сопругата.

Дали сте слаб кога ќе Ве прашаат за години, на она - уште колку до пензија? Верувате ли во Господ, нешто поголемо од ова што го гледаме?

- Зошто? Имам 62 години. Мојата генерација прослави 45 години од голема матура. Но, ние ги доживеавме тие години. Оној со 35 допрва треба да ги доживее.

Што значи за Вас убав човек и имате ли такви во својата близина?

- Од младите, убав е оној Бред Пит. Така велат жените, а тоа е важно. Не ми се допаѓа Џорџ Клуни, но на жените им е добар, па и тоа го почитувам. А, од постарите убав ми е Шон Конери, па дури и Роберт Ретфорд, кои се изветвени мачо типови, но се гледа дека некогаш биле големи фраери.

Своевремено жените Ве обожаваа. Како е денес, Ви пречи ли тоа што сте познат или успешно пловите низ патеката на славните?

- Ама, знаете, можеби и денеска ќе се најдеше некоја да ме обожава. Ама, како што вели жена ми Ана, тоа немаше да биде поради мојата убавина!

Знаете ли да готвите?

- Правам одличен бифтек и печам месо на аргентински начин. За риба сум дудук иако генетски сум Далматинец.

Кога гледате телевизија, во што особено уживате?

- Кога некој прави нешто особено, ама со многу работа и труд. Кај нас да речеме тоа е еден млад, умен репортер, Роберт Књаз. Сакам да гледам политички емисии, но најмалку хрватски. Не дека се лоши, напротив, најдобри и најотворени се во Европа, но и прашањата и одговорите ми се предвидливи. Предобро ги знам и политичарите и новинарите.

Доаѓавте во Македонија. Што Ви се допаѓа од нашиот југ?

- Бев неодамна, околу онаа дебата врзана за Македонската телевизија. Не се осмелувам повторно да доаѓам, луѓето сериозно ја земаат мојата изјава дека состојбата на таа телевизија би можела да се среди за 24 часа... На тоа останувам и денес, само за тоа би требало да се има политичка волја и консензус. А, го нема во доволна мера.


Статијата е прочитана 404 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Хуманитарна аукција на битолскиот „Монмартр“ за доизградба на манастирот на Тоше во Крушево
Вистинско празнување на животот
Јас сум средината помеѓу Барбара и Ивана
БЈР
Шоуто на Опра Винфри најдобро и најплатено