Жешка атмосфера пред доделување на „оскарите“
„Чудниот случај на Бенџамин Батон“ води со 13 номинации, но „Милионер бездомник“ се смета за фаворит
Сунчица Уневска
Ноќта помеѓу 22 и 23 февруари односно во понеделник рано наутро во 2 часот ќе се одржи 81. церемонија на доделувањето на најатрактивните филмски награди во светот „оскарите“. Водител на годинешната церемонија, која повторно ќе се одржува во „Кодак“ театарот во Лос Анџелес, за првпат ќе биде австралискиот актер Хју Џекмен, познат на нашата публика по улогите во „Икс-мен“, „Кејт и Леополд“ и последниот „Австралија“. Според досегашните сознанија во Македонија за првпат по подолго време нема да има директен пренос на доделувањето на „оскарите“. Ова е дотолку поинтересно ако се знае дека секоја година се зголемува бројот на телевизиите кои ги пренесуваат „оскарите“, додека кај нас за разлика од времето кога една година оваа церемонија беше коментирана дури од две телевизиски куќи, оваа година изгледа ќе останеме без ниедна.
Главната борба меѓу Финчер и Бојл
Но, да потсетиме на оваа најинтересна филмска игра чија атмосфера постојано се вжештува, се полнат обложувалниците, а предвидувањата одат дотаму што веќе се планира кој и како ќе зборува ако го добие „Оскарот“. Оваа година имаме една сосем необична ситуација. Имено, се знае дека најголем број номинации 13 има филмот „Чудниот случај на Бенџамин Батон“ на Дејвид Финчер, а веднаш зад него со десет номинации е „Милионер бездомник“ на Дени Бојл. Но, сите предвидувања одат во прилог на „Милионер бездомник“. Првенствено, заради тоа што очигледно публиката типува на него, а и заради тоа што овој филм веќе освои над 30 награди. Тој ги освои и сите значајни награди на филмските здруженија во Америка, и тоа на Здружението на режисери, на продуценти и на актери, а овој британско-индиски филм направен според романот на Викас Сваруп, го доби и „Златниот глобус“ во категоријата драма, а и најпрестижната британска филмска награда БАФТА.
Интересно е и за Дени Бојл и за Дејвид Финчер дека овие остварувања се сосем различни од она што тие досега го работеа, па атмосферата е уште понеобична. Американскиот режисер Финчер ја освои публиката со своите трилери „Седум“, „Боречки клуб“ и „Соба за паника“, додека британскиот режисер Бојл е најпознат по својот контроверзен филм „Треинспотинг“. Како и да е, сите го очекуваат триумфот на „Милионер бездомник“, додека за „Бенџамин Батон“ некои дури стравуваат дека може да се претвори во најголем губитник. Што, се разбира, не мора да се оствари. Американската академија умее да изненади, а тоа го прави уште поинтересно годинешното доделување.
Другите три остварувања кои се во трка за најдобар филм се: „Милк“ на Гас Ван Сент, „Читачот“ на Стивен Далдри и „Фрост/Никсон“ на Рон Хауард. „Читачот“ и „Фрост/Никсон“ имаат по пет номинации, а „Милк“ со осум номинации се наоѓа на третото место иако овој филм се смета за фаворит на критичарите. „Милк“ освои неколку награди на критичарските здруженија, а тој ја освои и наградата на Здружението на сценаристи. Годинава во трка за најдобра режија се сите пет автори на истите филмови кои се во трка и за најдобар филм. Но, она што е уште поинтересно е фактот дека двајцата режисери кои се сметаат за најголеми фаворити, Финчер и Бојл, се номинирани за првпат, додека останатите тројца режисери Ван Сент, Далдри и Хауард веќе претходно биле номинирани, а имаат освоено и „оскари“. Рон Хауард има “Оскар“ за „Прекрасен ум“ за најдобра режија и за најдобар филм, Стивен Далдри имаше номинации и за „Часови“ и за „Били Елиот“, а Гас Ван Сент имаше една номинација за „Добриот Вил Хантинг.
Фаворити Шон Пен и Кејт Винслет
На филмовите „Милк“ и на „Читачот“ во прилог им одат и предвидувањата дека Шон Пен и Кејт Винслет годинава ќе ги добијат „оскарите“. Шон Пен, кој фантастично ја игра улогата на хомосексуалецот и политичар Харви Милк, се смета за најголема конкуренција на Мики Рурк, кој е и еден од фаворитите за главна машка улога за неговата ролја во „Борачот“ на Дарен Аронофски. На Мики Рурк, на кого улогата во „Борачот“ му се смета за голем кам бек, му ја донесе и првата номинација за „Оскар“. Додека Шон Пен има еден „Оскар“ за „Мистична река“ и уште три претходни номинации. Но, да не заборавиме дека тука во игра е и: Бред Пит за улогата на Бенџамин Батон, потоа повозрасниот Френк Лангела кој во филмот „Фрост/Никсон“ го игра Никсон, а велат дека тоа е негова животна улога, и актерот кој влезе во игра сосем неочекувано, Ричард Џенкинс за улогата во филмот „Посетител“ на Томас Мекарти.
Кејт Винслет годинава доби два „Златни глобуси“ за „Читачот“ и за „Револуционерен пат“, но кога станува збор за „оскарите“ според предвидувањата главната трка ќе се води меѓу Кејт Винслет за улогата во „Читачот“ и Мерил Стрип за „Сомневање“. Инаку, Винслет и Стрип и двете се рекордерки во бројот на номинации. Мерил Стрип досега има освоено 13 номинации и два „оскара“, а Винслет беше пет пати номинирана, со „Читачот“ е шести пат во игра за оваа награда. Таа се смета за рекордерка бидејќи како најмлада до 30 години веќе има освоено пет номинации. Според нашето мислење ќе биде голема штета ако Винслет овој пат не го добие „Оскарот“. Не дека Мерил Стрип не е повторно одлична во филмот „Сомневање“, но улогата на Винслет како поранешна чуварка во концентрациониот логор во Аушвиц, е далеку покомплексна и повеќеслојна. Во оваа категорија во игра се и: младата Ен Хатавеј за улогата во „Рејчел се мажи“ за која ги собра сите симпатии, потоа Анџелина Џоли за филмот „Замена“ и Мелиса Лео за ролјата во филмот „Замрзната река“.
Кога зборуваме за улогите мора да го издвоиме филмот „Сомневање“ на Џон Пат��ик Шенли кој освои дури четири номинации, една за главната улога на Мерил Стрип и уште три за споредните улоги на: Филип Сејмур Хофман, на Виола Дејвис и Еми Адамс. Интересно е дека Дејвис и Адамс се борат една против друга во категоријата за најдобра споредна женска улога. „Сомневање“ има номинација и за адаптирано сценарио.
Кој ќе ја прими наградата за Хит Леџер
Што се однесува до категоријата за споредна улога најмногу се зборува за улогата на неодамна починатиот актер Хит Леџер и за неговата улога на Џокер во „Темниот витез“. Досега Леџер ги освои сите награди и прашањето кое најмногу се поставува е кој ќе го прими „Оскарот“ во името на Леџер ако тој го добие. Имено, по правило „оскарите“ ги примаат најчесто сопружниците, но тој не беше во брак со Мишел Вилијамс со која има дете. Неговото дете кога ќе наполни 18 години би станала сопственичка на „Оскарот“ ако го добие Леџер, но кој ќе го прими уште не се знае. Како што дознаваме на церемонијата ќе бидат присутни неговите родители и сестра, но не е вообичаено тие да го примат „Оскарот“. Како и да е, Леџер се смета за најголемиот фаворит, а тој е во конкуренција со: Џош Бролин за улогата во „Милк“, Робарт Дауни јуниор за „Тропска грмотевица“, Мајкл Шенон за „Револуционерен пат“ и споменатиот Сејмур Хофман.
Ситуацијата е можеби најмалку „извесна“ кај категоријата за споредна женска улога. Многумина типуваат за прекрасната Шпанка Пенелопе Круз, која е номинирана за улогата во филмот „Вики Кристина Барселона“ на Вуди Ален, но и за Еми Адамс и нејзината улога во „Сомневање“. Иако не се далеку во предвидувањата и другите три: одличната Мариза Томеи, која веќе има еден „Оскар“, а сега е номинирана за улогата во „Борачот“ и двете црни актерки, исто така одлични, Тараи Хенсон за „Бенџамин Батон“ и Виола Дејвис за кратката, но фасцинантна ролја во „Сомневање“.
Питер Габриел одби да изведе скратена верзија на песната
Пред доделувањето на „оскарите“ сите зборуваат и за скандалот кој веќе се случи со познатиот пејач Питер Габриел, кој одби да учествува на свеченоста и да ја испее песната „Down to Earth“. Тоа е песна од анимираниот филм „Воли“ која влезе меѓу петте номинирани за најдобра оригинална песна. Но, како што изјави Габриел од организацијата му наложиле дека песната мора да биде скратена на 65 секунди односно само една минута и поради тоа тој одбил да дојде и да учествува.
Ноќта на „оскарите“ е пред нас, на неа се очекуваат и изненадувања, но исто така со голема возбуда се очекува и кој како ќе биде облечен. Тоа секако е најголемото филмско шоу, а што ќе се случи со наградите останува да видиме. Предвидувањата се само предвидувања кои дополнително ја подгреваат атмосферата, но честопати тие и не се остваруваат. Токму затоа ноќта на „оскарите“секогаш е интересна, дека никогаш не може да се предвиди до крајот. |