Број 3415  вторник, 26 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter
Забава

Шокантното признание на Mајкл Kејн

Британски актер и носител на почесната титула сер ја шокираше јавноста со своето признание дека барал од лекарот, кој го лекувал неговиот смртно болен татко, да му помогне да умре

Од нашиот дописник
Томислав Ивановски

ЛОНДОН - Славниот британски актер Мајкл Кејн, носител на почесната титула сер, за своите заслуги во филмот и во театарот, ја шокираше овдешната јавност со своето признание дека барал од лекарот, кој го лекувал неговиот смртно болен татко, да му помогне за да умре. Лекарот го исполнил неговото барање и му дал на таткото на Кејн голема доза од лековите за смирување на болките, по што тој починал. Тајната за ова 77-годишниот актер ја чувал во себе 55 години и прв пат сега ја обелодени во едно радиоинтервју. Тој притоа призна дека за ваквата смрт на татко му не и' кажал на мајка си до нејзината смрт во 1989 година и не и' открил што направил.

Кејн вели дека го поддржува убиството од сожалување и како објаснување за ваквиот свој став го дава како пример случајот со татко му. Таткото на актерот, Морис Миклвајт, заболел од рак на црниот дроб, а лекарите од локалната болница му објасниле на семејството дека тој не ќе може да се излекува. При секоја посета во болницата Кејн можел само да забележи дека ситуацијата со здравјето постојано му се влошува, а дека неговиот тешко болен татко има големи болки и се измачува во болничката постела. При една посета побарал од дежурниот лекар да му ги скрати маките на болниот, што тој категорично одбил, инсистирајќи дека како лекар не може да го направи тоа.

„Постои ли нешто што може да му помогне на татко ми“, прашал Кејн. Не чекајќи на одговор, продолжил: „Ако нема никаков лек за него, тогаш дај му поголема доза од обично и спаси го од маките“. Според објаснувањето што сега го дава угледниот актер, лекарот прво продолжил со спротивставувањето, но подоцна му пришол и речиси шепотејќи го повикал да дојде повторно, околу полноќ. „Се вратив во болницата во тоа време, а татко ми умре само пет минути по полноќ“, рече Кејн во интервјуто. Официјално е заведено дека Миклвајт починал од рак, во 1955 година, на 56-годишна возраст.

„Татко ми беше тешко болен, трпеше силни болки и се измачуваше, а јас страдав поради неговата болка и сето она што мораше да го поднесува“, признава сега Кејн и вели дека татко му и така ќе умрел, затоа што лекарите не му давале повеќе од три-четири дена живот. Зборувајќи за евтаназијата, тој вели дека се согласува со тоа. „Ако човек е во состојба кога животот повеќе не се поднесува и сака да умре, секако, тоа треба да му се овозможи“, вели Кејн. Тој, сепак, не смета дека секој треба да го направи тоа. „Барав од лекарот да го спаси татко ми од измачување, затоа што веќе беше во полусвесна состојба“, признава и се оправдува славниот британски артист.

Помагањето при самоубиство е кривично дело во Велика Британија, според законот донесен уште во 1961 година, па оној што ќе се појави како помагач при самоубиство може да биде осуден и на 14 години затвор. Подолго време врз британската влада се врши притисок да го измени овој закон и (практично) да дозволи помагање во определени случаи на самоубиство, при што оние што заговараат измена на прописот тврдат дека тој сега изгледа застарено затоа што не ги зема предвид ситуациите, како онаа за која зборува Кејн. Меѓутоа, владата досега одбиваше да подготви нов закон, па обвинителството изработи своевидно упатство за обвинителите и за полицијата, според кое, не се смета како помагање во самоубиство во случаи кога постојат незлонамерни, несебични и милосрдни причини.

Случајот на Мајкл Кејн и неговото потресно признание за она што го направил пред повеќе од половина век и кога имал 22 години, може да се вклопи во рамките на ова упатство на обвинителството, па тој нема да биде повикан на сослушување во полицијата. Упатството изгледа им помага на многумина, како што е Кејн, особено на оние што се јавуваат како помагачи при доброволно самоубиство, патувајќи со неизлечиво болните до Цирих во Швајцарија, во тамошната „клиника на смртта“. Користејќи ги законите на швајцарскиот кантон каде што е дозволено помагање при самоубиство, организацијата „Дигнитис“ им овозможува на луѓето што се решиле да го завршат животот, да го сторат тоа таму и под контрола на лекари. Колку што е познато, повеќе од сто Британци се согласиле на самоубиство во „Дигнитис“. Според законот, во виновни за помагање во овие самоубиства би можело да се вбројат сите родители, роднини и блиски на умрените дури и со тоа што патувале со нив до Цирих, но никој досега не е обвинет или осуден по одредбите на се' уште актуелниот закон.

Затоа признанието на Мајкл Кејн одново ја поттикна расправата околу тоа дали да се дозволи, барем во некоја фаза, евтаназија. Оние што го заговараат тоа, го поздравија јавното откритие на славниот актер за она што го направил со својот татко. Според нивно мислење, на лекарите треба да им се дозволи да им помогнат на неизлечиво болните пациенти да умрат, ако тоа се побара од нив. Аргументот за ваквото барање тргнува од она што го зборува Кејн, за тоа дека е незамисливо тешко да се гледа како страдаат и се измачуваат саканите и против нивна желба на самиот крај од животот. Претставник на британската организација „Достоинство во умирањето“ изјави дека лекарите со своите етички норми се спречени да помагаат во вакви ситуации, но оти треба да им се дозволи да даваат лекови не само за да се ублажуваат болките, а на неизлечиво болните, возрасни луѓе треба да им се овозможи да ја контролираат смртта.

Во Британија постои и организација што се нарекува „Нега, а не убивање“ и таа остро се спротивстави на легализацијата на евтаназијата, патувањето во Цирих, во тамошната „Дигнитис“, како и на она што го заговара Мајкл Кејн. Приврзаниците на заложбите за кои се бори оваа организација инсистираат на тоа дека секогаш има алтернатива на евтаназијата“, објаснувајќи дека денес (за разлика од времето кога умирал таткото на Кејн) медицината располага со повеќе лекови и институции за нега и за ублажување на болките, што овозможува да се намали страдањето на пациентите на крајот од животот. Нивниот најсилен ��ргумент е дека медицинските експерти не веруваат во потребата од легализација на евтаназијата, па тие затоа сметаат дека одобрувањето на помагање при самоубиство би била „безмилосна и непотребна мерка“.

По признанието на Кејн, британската јавност и натаму останува остро поделена по ова прашање, кое поради угледот што го има славниот артист станува поактуелно, отколку што, всушност, е тоа. Не е јасно зашто тој се одлучи сега да открие што направил пред толку многу години, а и не изгледа како силен поборник за копирање на неговата постапка. Лекарите, главно, се спротивставуваат на евтаназијата, затоа што нејзината легализација тие ја гледаат како пораз на медицината, додека впечаток е оти мнозинството луѓе, сепак, се за тоа работите да не се менуваат. Приврзаниците за „достоинство и во смртта“, меѓутоа, сметаат дека на ова прашање, најчесто, се мисли тогаш кога луѓето ќе се соочат со последните денови на оние што ги сакаат.


#
Статијата е прочитана 1635 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Забава
Се претвора во својата мајка
Татко и' Тони ја изоставил во тестаментот
Зуица Лазова и ќерка и' доживеаја сообраќајка
Пропаднати два брака поради лош секс
„Пежо 508“ - лавот ги потврди благородните гени
Заеднички концерт на Влатко Стефановски и Стефан Миленковиќ
Еве го Кит,без извинувања






No-confidence vote in Kosovo government leads to snap elections
Serbian president on historic visit to Croatia
Bulgaria least competitive country in the EU