Еве го Кит,без извинувања
„Живот“ (Life), долгоочекуваната автобиографска книга на славниот ролингстоунс, Ричардс, денеска излегува во јавноста
Сега е 15 часот според источно време во њујоршката канцеларија на менаџерот на Кит Ричардс, место што можеби и би изгледало обично доколку секој ѕид и полица не се преполни со дел од најславните сувенири од рокенрол-ѕвезди во светот. Ричардс има состанок во 15 часот. „Влезете, тој веднаш ќе дојде“, вели асистентот. И еве го, тој доаѓа во 15,01 часот. Човекот што порано се гордееше со тоа дека работи според „времето на Кит“, човекот на кого луѓето од обезбедувањето му ја изедоа овчарската пита пред концерт, па потоа сите на преполниот стадион можеа само да чекаат. „Ролингстоунси“ не свиреа се' додека не се појавеше уште една овчарска пита.
Точноста му се припишува на новата инкарнација: тој сега е Кит Ричардс, познат автор. Вистина, тој е далеку од единствена рок-ѕвезда што објавува мемоари и далеку од тоа дека е единствен член на „Ролингстоунс“ што напишал книга за себе. Црнокосиот Рон Вуд ја напиша „Рони“ во која го опишува Брајан Џонс како „јас со перика на блондинка“. Бил Вајман, пензионираниот бас-гитарист на бендот и сметководител, ја напиша „Само Стоун“ каде што беше спомната демо-снимката од 15 шилинзи. Сега Ричардс напиша нешто што вреди да се има: „Живот“, голем, жесток опис на речиси полувековната авантура на „Стоунси“. „Тоа е најтешкото нешто што некогаш сум го направил“, кажа тој за книгата. „Со задоволство би снимил десет носачи на звук“.
Но, тој воопшто не звучи уморно. И изгледа освежен, имајќи неверојатно мала сличност со излитениот пират со големи црни подочници Кит Ричардс, кој изгледаше како сениште. Денес, облечен во неутрални бои и со нагласено зелени чевли, тој е позитивно ноншалантен. На неговите раце секогаш присутниот сребрен прстен со череп, отечени зглобови, тенката бела лузна од парчето врел фосфор што му го изгоре прстот до коска додека свиреше на концерт без прекин. На неговата глава лента и вулгарна сламена шапка, а сиви прамени стрчат на сите страни. „Минав низ таа фаза“, рече тој. „Не знаев дека косата ќе може да издржи дополнителен притисок“.
Тој мина низ многу фази. И сите тие се на страниците во „Живот“: извидник (навистина); нов рокер; заљубено момче; запрепастувачка нова ѕвезда; старец зависник од хероин; исцрпен ветеран од безбројни светски турнеи; и долгогодишен спаринг партнер на Мик Џегер. Сево ова е раскажано со непосредна искреност и дел од тоа е лесно стана сензација. Меѓутоа, најголемата извонредност во книгата е белешката испишана рачно на неговата корица: „Верувале или не, не сум заборавил ништо од тоа“.
Како е ова возможно за човек познат по зашеметеноста како „Satisfaction“? „Мислам дека главна грижа на почетокот беше дали може да и' се верува на мојата меморија“, рече тој. „Фокс мораше да направи мало истражување“. Фокс е Џејмс Фокс, новинар и автор на „Бела незгода“, кој му беше пријател на Ричардс долги години и беше негов соработник во креирање на „Живот“.
Содржината на „Живот“ е доволно мрачна. Книгата почнува со апсењето поради дрога во 1975 година во Арканзас и судијата кој беше убеден да го ослободи Ричардс откако му го конфискуваше ловечкиот нож (кој се' уште виси во судницата) и се сликаше со него. Како Ричардс имаше толку среќа? „Навистина не можам тоа да го објаснам“, вели тој, безизразно за тоа сега. „Можеби имам искрена фаца“.
Во неа се сместени уште многу други апсења како и напорите на Ричардс да се ослободи од зависноста од хероин, за што тврди дека успешно ја завршил пред 30 години. „Вакви стории многу не се кажуваат“, открива тој. „Нема луѓе подготвени да го раскажат тоа“.
Потоа во книгата се опишани и други опасности за здравјето. Како струен удар. „Најспектакуларното беше во Сакраменто“, вели тој, сега со насмевка на лицето, за паѓањето во транс што беше предизвикано од жица на гитара што допрела незаземјен микрофон и облаци од чад што излегувале од неговата уста. Тој добро се изнасмеа кога се сети дека се нашол во болница и го слуша докторот, кој вели: „Па, тие или се будат или не“.
„Живот“ веќе привлече несоодветно внимание за анатомскиот удар кон Џегер. Меѓутоа, ова е книга што не штеди удари и повеќето од неговите описи се посериозни од тоа. „Ладнокрвен“ и „злобен“ се два од најчесто користените збора за опишување на Брајан Џонс. Ален Гинсберг беше „стар дрдорко“. Мик Тејлор, поранешниот член на „Ролингстоун“, „не правеше ништо“ откако го напушти бендот и Доналд Камел, режисерот („Изведба“ во кој настапува Мик Џегер и Анита Паленберг, долгогодишната љубов на Ричардс и партнер во злосторството), кој не можеше да изврши самоубиство доволно брзо за да го задоволи Ричардс. (Тој се самоуби во 1996 година). Кога Марлон Брандо им предложи нему и на госпоѓа Паленберг, Ричардс се сеќава дека одговорил со следното: „Подоцна, ортак“.
Што се однесува до Џегер, жалбите се длабоко вкоренети. Тие вклучуваат присвојување на заслугите, социјално искачување, егоманија, несигурност, неетично бизнис-однесување и несигурен сексуален идентитет. Во неа има и пријатна добродушност за придонесите на Џегер во дуото што ги пишуваше песните. И по некој одвратен прекар, како, на пример, „диско момче“.
Во разговорот за сево ова Ричардс е упорно незаинтересиран: „Постоеше намера да биде нерафиниран производ, но, поентата е дека се обидувам да ја раскажам приказната од првиот ден досега“, вели тој. И навистина: „постои необичен конфликт тука и таму. Но, ако се земе се' предвид тие работи не вредат ништо“. Ричардс се потруди Џегер да знае што има во книгата пред нејзиното објавување. „Многу важно за мене беше што Мик беше информиран, запознат, и знаеше што ќе содржи таа“, рече тој. И дали има нешто што еден член на „Стоунси“ може да каже за друг член на „Стоунси“, и да навреди во овој момент? „Не“.
Но, дали има нешто ново што, сепак, може да се каже за „Стоунси“? Како што „Живот“ категорично демонстрира, одговорот е да. И некој од најизненадувачките материјали што се откриени се појавуваат во она што Ричардс на шега го нарекува „работилница за гитара на Киф“. Тука се сместени тајните на некои од најпознатите рок рефрени во светот и за најскудната опрема што ја користеле на снимањата на „Street Fighting Man“, „Jumpin’ Jack Flash“ и дел од „Gimme Shelter“. Тука е претставено како тивките ритми во „Heartbreak Hotel“ на Елвис Присили го проби патот до една од најинспиративните соло изведби на Ричардс.
„Ќе ви пречи ако пушам?“, праша тој кога се појави. Кој со исклучок на Кит Ричардс и одредени легални авторитети некогаш го спречиле Кит Ричардс да направи нешто? Но, помина еден час и тој не ги ни допре цигарите. Тој дури не и погледна кон нив. Не направи ништо што би направило да е сличен на мрачното, прогонетото, ѓаволски прекрасно суштество на корицата на неговата книга, на кое од раката му излегува пламен за да му излезе во пресрет на магливото бело нешто што тој го пуши. „Тоа?“, вели тој невино на прашањето за сликата. „Ох, тоа сум само јас како палам цигара. Тоа е се' што правам“. (Њујорк тајмс) |