Број 3100  петок, 02 октомври 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Хроника
Живот во четири ѕида

Младешките соништа на 22-годишната Моника Илкоска од Прилеп се прекинати веќе пет години поради тешката болест

Моника Талеска


ПРИЛЕП - Младешките соништа и мечти на 22-годишната девојка Моника Илкоска од Прилеп се прекинати веќе пет години, откако заболела од наследна болест атаксија спиноцеребралис, миокардиопатија. Уште не завршила основно училиште, а за неа животот го изгубил сјајот. Наместо како и врсниците да се радува и да ги открива тајните на животот, таа останала во креветот во дневната соба. Деновите се празни. Откако ќе се разбуди па се' додека заспие таа живее со својата тага, следејќи ги немо телевизиските серии и филмови. На почетокот по некој човек доаѓал да ја посети, но како што минувало времето таа се повлекувала во себе, се изолирала, па единствениот контакт со своите врсници го остварувала преку другарката Силвана. Затоа со нетрпение го чека звукот на ѕвончето, за да ги подели своите желби, тајни со другарка и за да слушне што има ново во животот на школски другари, кои не ги видела од почетокот на болеста.

А, нејзината здравствена состојба се влошува. Моника секој ден се' потешко станува од кревет зашто болеста и' ги напаѓа мускулите и и' го отежнува движењето. Таа ништо не може да направи без помош на мајка си, не може дури сама да појде и до тоалетот. Вели претешко и' е.

„Имам само една другарка, доаѓа, ме посетува речиси секој ден. Но, со мене може да остане само два-три часа, а потоа си оди и повторно сум сама, останувам да го чекам следниот ден. Минаа повеќе од пет години во кои ниту еднаш не излегов надвор, многу се срамев. Деновите минуваа, осаменоста беше преголема. Еден ден татко ми ми направи велосипед и почнав со придржување, со родителите да излегувам. Првпат по пет години го видов белиот свет, градов, луѓето, некако се пресрамив“, вели Моника.

Мајка и' задржувајќи ги солзите, во страв за иднината на сега единственото чедо, со болка и страдање зборува за трагичната судбина.

„Имам еден нож во срцево, длабоко забоден и не можам да дозволам уште еден нож да ми го прободе срцето. Ми се чини дека не можам повеќе да издржам, зашто син ми Слободан, братот на Моника, се разболе од ова болест и замина“, зборува со ужасна болка Славица (44), храбра жена која се обидува да се избори и по секоја цена да најде лек за своето најмило.

Докторите кренале раце. За оваа болест им рекле нема лек, само здрава храна, богата со витамини и минерали и колку што може поголема активност.

„Сето тоа е добро, но како со минимални 3.000 денари социјални пари да купиме се' што е потребно за мојата ќерка, ��ако, нека ми каже некој што треба да направам? Дури мојот сопруг Зоран го убедуваа дека ако се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ ќе добие работа. Ете, се зачлени, одеше, молеше секаде, но останаа само ветувањата, ништо не сторија, затоа немам веќе верба во никого. Барем тој да имаше една работа, да земаше барем денар повеќе, да има и за пензија, или да ме вработат на скратено работно време. Никој не не' гледа, никому не му е гајле, никој не се грижи за болните, мачни луѓе во оваа држава“, зборува резигнирано Славица.

Како што вели, додека е лето некако полесно живеат, оти Зоран работи како аргат, станува рано, се враќа доцна за да заработи денар повеќе. Но, и тоа не им е доволно.

„Сега коските ми се тресат од страв, доаѓа зима, а ние ниту дрва, ниту пари имаме. Речиси секој месец доаѓаат екипи на ЕВН да не' исклучат, молиме да покажат разбирање, но долг е долг, а ние сиромаси никому не сме му погрешиле, но ете со оваа мака мораме да живееме. Што ќе правиме кога ќе дојде зима, ќе падне снег, каде ќе се криеме од студот, дали за огрев, за струја или за лекови и за храна. И јас барав работа, но никој не сака да да ме вработи. Двајцата сме стечајци, фирмите се затворени и сега сме на улица. Но, двајцата ќе аргатувавме да немавме друга мака, а сега некој мора да биде со Моника. И така додека Зоран може да работи, а кога тој ќе снемошти, каде тогаш, каде ќе одиме“, зборува нервозно исплашената Славица, со молба до сите добри луѓе да им помогнат, на кој било начин, да им го олеснат претешкиот живот.

Секојдневјето на Илкоски е црно. Зоран по патиштата, по беспаќата, во трка да заработи денар за корка леб, а Славица во трка со сиромаштијата, да приготви нешто за ручек, да ја негува Моника цел ден, барем здравствената состојба да не и' се влошува. За мајката Славица болеста на ќерката е преголема болка, вели дека на моменти не може да го издржи товарот на животот. Сепак, Илкоски не губат надеж.

„Не знам кој може да ни помогне, барем Министерството за здравство да ни даде пари да ја однесеме Моника на испитувања во странство, за да не се случи најлошото. Барем да не вработеа, да можевме да заработуваме, па ние ќе си ги бркаме сите работи. Не знам кој крај да го фатиме. Каде да одиме и кому да му се обратиме. На сите врати тропнавме, ниту една не се отвори“, се жали Славица.

Никој не може да остане имун на тагата на ова семејство, на несреќната судбина на младата девојка Моника, која има само една желба:

„Да оздравам, да бидам како моите другари, да живеам нормален живот, да излегувам в чаршија, да работам, да живеам. Ништо друго не сакам. Ги молам сите луѓе што знаат нешто во врска со мојата болест да ми кажат, да ми помогнат за да оздравам. Мојот живот е претежок“, моли и бара помош Моника.

Ги оставивме во дневната соба на тагите, страдањата, мечтите, на огромните болки, но и надежи дека некој ќе ја покаже својата хуманост, дека на кој било начин ќе им помогне.

 


#
Статијата е прочитана 1852 пати.

Испрати коментар

Од: suzana
Датум: 02.10.2009 05:00:57
Mnogu e zalno za devojceto na koe mu treba vistinska pomos. No kako da mu pomogneme koga vo statijata nema ziro smetka ili drug nacin za prakane pomos.
Од: zap ev
Датум: 02.10.2009 13:21:43
tuka nee potrebna humanitarna pomos mak nee centgralna afr tuku kako vo eu zivealista za invalidi i bolni kade ce imat pomos 24casa.

Најди! во Утрински
Хроника
Се' уште не се знае дали ќе се прошири истрагата за бродот
Штала и крави изгореа во скопско Огњанци
Пожар уништи 5.000 квадрати шума во Гази Баба
Јавноста исклучена од судењето за протестите на плоштад
Обид за киднапирање на штипјанка