Се' уште не се знае дали ќе се прошири истрагата за бродот
Обвинителот Љупчо Шврговски вчера изјави дека се' уште нема финален извештај за потонувањето на „Илинден“
Се' уште не се знае дали за бродската несреќа во Охрид ќе одговара само капетанот на бродот „Илинден“ или истрагата ќе се прошири и на други лица. Според јавниот обвинител Љупчо Шврговски, сепак, ќе треба да се почека финалниот извештај за потонувањето на бродот во Охридското Езеро, кој ќе биде изготвен по завршувањето на вештачењето. Мешовитиот истражен тим, кој беше составен од експерти од Македонија, Бугарија и од Хрватска, според најавите од истрагата, денеска треба да го почнат вештачењето на бродот, кој пред десетина дена беше извлечен од езерото. Целата постапка се одолговлекува поради преголемата ангажираност на експертите на други истраги.
„Се' уште е рано да се зборува за некој финален извештај за потонувањето на ’Илинден‘, затоа што не е направено клучното вештачење што треба да ги даде причините за несреќа“, изјави вчера обвинителот Шврговски.
Дури откако ќе се добие извештајот, додава тој, ќе може да се коментира што е причината за несреќата и дали покрај притворениот капетан на бродот ќе се прошири истрагата и на други лица. Според Шврговски, додека не е изготвена експертизата од вештачењето не може да се тврди дали имало и кои се неправилностите во случајот.
Од истражната судијка Весна Кичеец, која го води случајот, вчера пристигна најавата дека вештачењето може да почне. „Од мешовитата комисија добивме уверување дека експертите денеска ќе го почнат вештачењето на бродот ’Илинден‘, вели Кичеец.
Бродот „Илинден“ потона на 5 септември, во близина на автокампот „Елешец“, само неколку минути по испловувањето од охридското крајбрежје. Притоа во водите на езерото се удавија 15 бугарски туристи, кои тргнале на прошетка кон Свети Наум. (Д.Т.-С.И.)