Блескав старт на „Охридско лето“
Невена Поповска
Охрид – Во едно летно претпладне во август 1961 година, првенката на Македонската опера Ана Липша - Тофовиќ, со својот сопруг и група пријатели, разгледувајќи ја црквата „Света Софија“ во Охрид, решава да запее во неа. Сите присутни биле фасцинирани од извонредната акустика. Во тој момент, Ана Липша - Тофовиќ била ангажирана за изведба на специфична концертна програма од дела на стари мајстори за Светскиот конгрес на византолозите одржан есента 1961 година во Охрид. Низ разговор на летната тераса во ресторанот „Летница“, поддржана од група уметници и културни работници, таа решава со оваа програма да приреди концерт во црквата „Света Софија“. Тепар Тофовиќ, Димче и Хилда Кондовски, Илија Зафировски, Видое Видически, Димче Протуѓер, Димче Маленко, Виктор Плевнеш, Љубен Баткоски го пренесуваат буквално на раце во „Света Софија“ единственото концертно пијано во Охрид, сопственост на семејството Радиќ, како и дел од инвентарот на предвоениот хотел „Српски цар“. Од Скопје бил повикан пијанистот Ладислав Перлдик и попладнето на 4 август 1961 година концертот е одржан. Веќе следната година Концертната дирекција на Македонија во соработка со Републичката културно-просветна заедница и со Домот на културата во Охрид организира систем од музички приредби под наслов „Охридско лето“.
Педесет години подоцна во Античкиот театар во Охрид, преку снимен глас и слика пренесени на видеобим, Ана Липша - Тофовиќ го отвори јубилејното „Охридско лето“ со зборовите: „Да живее ’Охридско лето‘ како што живее Македонија“.
Присутните беа пријатно изненадени и од изведбата на Рускиот национален оркестар кои под диригентската палка на Михаил Плетњов, во чест на јубилејот, својот настап го започнаа со „Билјана платно белеше“. Изјавите од типот „Свиера со таква занесна убавина што кај публиката побуди длабока воздишка на задоволство“ оркестарот во целост ги оправда. Пред да пристигне во Охрид, диригентот Плетњов не сакајќи да ги коментира настаните што му претходеа на свечениот чин и кои секако оставија црно петно и на манифестацијата и на уметникот, рече: „Јас сум музичар и за мене најголемо задоволство е да вежбам и да настапувам со оркестар. И понатаму ќе се трудам да им донесам задоволство на луѓето кои ја сакаат музиката, без оглед колку некои се обидуваат да ми подметнат нога. Веројатно има луѓе кои ми завидуваат, а на некои можеби им се допаѓа мојата работа“. И навистина, пробите на оркестарот во Охрид во текот на викендот траеја до длабоко во ноќта, а како што вети и Плетњов, одржаа одличен концерт. Заедничкиот настап, пак, со Симон Трпчески предизвика аплаузи и овации кај публиката, кои ги натераа уметниците повторно да се вратат на сцената на бис.
Организаторите си останаа на зборот и обраќањата на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска траеја покусо од вообичаено и тоа наиде на позитивни коментари од присутните.
Нарекувајќи го Охрид „македонски и балкански бисер“, претседателот Иванов меѓудругото подвлече: „ Уметноста не препознава граници и поделби. Цивилизациската улога на музиката и на уметноста, воопшто, е да биде најголемиот архитект на соживотот и заедничката иднина меѓу народите и заедниците. Затоа, токму уметниците биле, се и ќе бидат гласници на мирот, толеранцијата и разбирањето. Тие биле, се и ќе бидат главните градители на мостовите кои не' поврзуваат сите нас.“
Свесни за фактот дека најголемата музичко-сценска манифестација во земјава од година во година ги надминува очекувањата, завчера претседателот Иванов го одликуваше Фестивалот со највисокото признание, Орденот за заслуги за Македонија, за долгогодишното успешно промовирање на македонската култура и афирмација на Република Македонија во светот.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, нарекувајќи ги уметниците „дипломатски бардови“, подвлече: “Градејќи се себе си, фестивалот го позиционираше и градот Охрид-трајно го определи како простор посветен на прогресот и космополитскиот дух на уметноста. Во изминативе години Фестивалот обединувајќи ги убавината на музиката и танцот, визуелните импресии и пораките на сценскиот говор ги озвучи, ги оживеа и ги надгради монументалните дела на човековиот дух материјализирани во древниот Охрид: катедралната црква ’Света Софија‘, Античкиот театар, Самоиловата тврдина, величествениот Плаошник...“
Свеченото отворање на јубилејното издание на фестивалот „Охридско лето“ беше проследено од претставници на политичкиот врв во земјава, како и претставници на културниот живот, но недостасуваше присуството на претставници на дипломатскиот кор, а забележително беше што и хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој истиот ден беше гостин на македонскиот претседател, не присуствуваше. Како што не информираа од Кабинетот на претседателот Иванов, присуството на Јосиповиќ, кој е музичар, воопшто не било предвидено и по завршените разговори со Иванов, во 17 часот Јосиповиќ отпатувал од земјава.
Античкиот театар е неисцрпна инспирација за Симон Трпчески
Симон Трпчески се наметна како еден од најизвонредните млади музичари кои се појавија во изминативе години свирејќи со голем број светски оркестри и диригенти, воодушевувајќи ја публиката во целиот свет. Неминовно беше, тој како најистакнат македонски пијанист да настапи со Рускиот национален оркестар, под диригентство на Михаил Плетњов на свеченото отворање на јубилејното „Охридско лето“. По настапот со Рускиот оркестар и повторното враќање на сцената на бис, Трпчески рече: „ Задоволен сум од настапот и приемот на публиката. Би сакал да им се заблагодарам на организаторите и на менаџерите во Лондон и во Скопје кои го договорија мојот настап овде, бидејќи Античкиот театар секогаш за мене претставува неисцрпна инспирација.
Во изминативе неколку сезони Трпчески настапуваше низ целиот свет и тоа со: Њујоршкиот симфониски оркестар, Мелбурншкиот симфониски оркестар, Ротердамската филхармонија, оркестарот Концертгебау и многу други.
Современото и традицијата
Покрај настапот на Рускиот национален оркестар и Симон Трпчески, присутните имаа можност да проследат и сценски настап на реномирани актерски имиња кои настапија со монолози од своите претстави, а во режија на Иван Поповски и Зоја Бузалковска. Целта на режисерите на целокупното отворање беше да им се даде повеќе простор на уметниците, но за жал, многумина од публиката не сфатија дека по настапот на Рускиот национален оркестар и Симон Трпчевски, следува драмски дел и речиси една третина од публиката си замина од Античкиот театар.
Кирил Ристовски, Јоана Поповска, Петар Мирчевски, Снежана Стамеска, Петар Темелковски, Бедија Беговска и Бајруш Мјаку-доајените на македонската театарска дејност пред присутните изведоа одличен колаж од монолози од „Свадбата на Мара“, „Едип“, „Сирано“, „Дон Кихот“..., а потоа на сцената им се придружија членовите на танчерски групи од Скопје и Битола кои изведоа специфични акробации во рамките на современите уметнички текови. Поповски и Бузалковска во целост ја остварија замислата да ја раскажат приказната за „Охридско лето“.
|