Мислења
По странски инвестиции - без компас
Ден Дончев
Владата како прв чекор треба да ги разреши сите промотори надвор од 17 држави од кои доаѓаат речиси сите инвестиции во Македонија
За апсурдната клима во потрагата по странски директни инвестиции (СДИ) Владата на Република Македонија потроши повеќе народни пари за реклами во меѓународните медиуми од претходните две влади заедно. Оваа Влада назначи двајца министри за привлекување СДИ, ги зголеми буџетите на агенциите за странски инвестиции и назначи таканаречени промотори за привлекување странски инвестиции во голем број земји во светот. Неодамнешната посета на градоначалниците на Прилеп и на Охрид во Австралија, за што пишував минатата недела, наводно, да лобираат кај австралиски компании да инвестираат во Македонија е врв на апсурдноста на оваа парада. Бидејќи, покрај сите овие напори, податоците покажуваат дека просечниот годишен износ на СДИ во Македонија во последните четири години е речиси ист како годишниот просек на претходните две влади во периодот од 1999 до 2002 година и од 2003 до 2006 година. Конечниот износ на вкупните средства потрошени од оваа Влада за привлекување СДИ ќе излезе на виделина во блиска иднина. А со тоа ќе стане јасно не само колку пари се потрошени, туку и точно за што и на кого се потрошени.
Во меѓувреме, Владата обелодени дека ги укинала промоторските места во Чешка, Романија и во Египет оти тамошните компании не биле заинтересирани за инвестирање во Македонија. Прво и, пред се', се поставува прашањето колку народни пари им се дадени на промоторите во овие три земји во последните три години пред Владата, конечно, да дојде до сознание дека тамошните компании не биле заинтересирани за инвестирање кај нас? Второ прашање е дали Владата навистина мислеше дека Чешка, Романија и Египет можат да бидат сериозен извор на СДИ во Република Македонија!? Ако мислеше така, врз основа на кои релевантни податоци или сознанија го засноваше оваа мислење? Трето, дали некој во оваа Влада воопшто знае дека од почетокот на 1997 до крајот на 2008 година вкупните СДИ во Република Македонија од Чешка изнесуваа 490 илјади евра, од Романија 450 илјади евра, додека од Египет нула? Конечно, во споредба со вкупниот износ од 940 илјади евра СДИ од овие три земји во последните дванаесет години, колку народни пари беа потрошени од оваа Влада во последните три и пол години за промоторите и за други расходи за промоција на нашата држава во Чешка, Романија и во Египет?
Се разбира, ова се реторички прашања. Ниту очекувам дека Владата ќе одговори ниту, пак, дека пристапила аналитично и студиозно при донесувањето на одлуката да троши народни пари за таканаречена промоција на Република Македонија, со цел да се привлечат СДИ. Ако Владата настапила аналитично и студиозно, тогаш воопшто немаше да има потреба да ги разрешува промоторите во Египет, Романија и во Чешка, бидејќи тие никогаш и немало да бидат назначени. Немаше да треба да се пр��ви и многу покомплицирана анализа од оваа што сега следува.
Користејќи ги едноставните правила на таканаречениот „парето принцип“, Владата многу брзо ќе сфатеше точно каде треба да ги насочи напорите за привлекување СДИ, а со тоа и точно каде и на кого да ги потроши буџетските средства за оваа цел. „Парето принципот“ се применува во разни сфери во животот. Генерално, овој принцип укажува дека во многу сфери или настани, 80 проценти од ефектите се резултат на 20 проценти од напорите. Во бизнис-сферата и во економската сфера овој принцип, генерално, е прифатен како: 80 проценти од приходите се остваруваат од 20 проценти од клиентите. Применувајќи го овој принцип на странските директни инвестиции кај нас, теоријата на овој принцип укажува дека 80 отсто од сите СДИ во Република Македонија би требало да потекнуваат од само 20 отсто од вкупниот број земји, кои инвестирале во нашата држава. Па, да видиме дали теоријата на овој принцип се вклопува со реалната слика на досегашните СДИ во Република Македонија.
Во периодот од 1997 до 2008 година, според податоците од Народна банка на Република Македонија (НБРМ), нашата држава успеала да привлече вкупно 2,97 милијарди евра СДИ. Годишниот просек на СДИ за овој дванаесетгодишен период изнесува 220 милиони евра. Тоа, пак, претставува годишен просек од само 110 евра по жител. Овој просек е меѓу најниските по жител во Европа и е дефинитивен доказ за неуспешноста на нашата држава на оваа поле. Но, настрана овој поразителен податок, кој сам по себе е научна тема, вкупно 65 држави инвестирале во Република Македонија во периодот од 1997 до 2008 година, вложувајќи го износот од 2,97 милијарди евра.
Според податоците на НБРМ, најголемите тринаесет земји, односно 20 отсто од сите земји што инвестирале во Република Македонија за периодот од 1997 до 2008 година се: Грција 450 милиони евра, Холандија 435 милиони евра, Унгарија 410 милиони евра, Австрија 335 милиони евра, Словенија 262 милиона евра, Швајцарија 201 милион евра, Велика Британија 145 милиони евра, Бугарија 87 милиони евра, Луксембург 69 милиони евра, Германија 66 милиони евра, Србија 63 милиони евра, Сент Винсент и Гренадин 62 милиони евра и Италија 56 милиони евра. Значи, овие тринаесет земји, односно 20 отсто од 65 земји кои инвестирале во Македонија, вкупно вложиле 2,64 милијарди евра. Овој износ претставува 89 проценти од севкупниот износ на СДИ од 2,97 милијарди евра! Значи, „парето принципот“ се покажува веродостоен во практиката што се однесува на СДИ во Република Македонија.
Ако отидеме уште еден чекор натаму и ги земеме следните седум најголеми земји што инвестирале во нашата држава, Хрватска 53 милиони евра, Британски Девствени Острови 51 милион евра, САД 47 милиони евра, Турција 42 милиона евра, Кипар 35 милиони евра, Албанија 23 милиони евра и Франција 13 милиони евра, излегува дека вкупниот износ од најголемите 20 земји, кои инвестирале во Македонија, изнесува 2,91 милијарди евра, односно 97,9 проценти од сите СДИ. Се разбира, некои од инвестициите од земјите како Сент Винсент и Гренадин, Британски Девствени Острови, Кипар и делумно Холандија, потекнуваат од други земји, но се водат како инвестиции од овие земји поради даночната поставеност на поединечниот инвеститор, кој инвестирал во Македонија. Но, веројатноста е голема дека матичната земја од која потекнува инвестицијата е една од другите од гореспомнатите земји.
Како и да е, станува јасно дека најмалку 95 отсто од сите СДИ во Република Македонија потекнуваат од само 17 држави. Ако Владата на Република Македонија веќе решила дека треба да се трошат пари за реклами, промоции, посети и промотори, тогаш кои било расходи што се потрошени надвор од овие 17 држави се целосно непотребни. Кажано поинаку, ако 80 отсто од вкупните СДИ во Република Македонија потекнуваат од само 20 отсто од земјите, тогаш за да се максимизираат шансите за зголемување на СДИ во нашата држава, 80 отсто од владината и државната политика треба да се насочат кон само 20 отсто од земјите, односно гореспомнатите.
Ако Владата направеше ваква анализа, тогаш воопшто немаше да ангажираат разни скапо платени промотори во земји како Египет, Романија, Чешка и којзнае во кои други земји низ светот. Ниту, пак, ќе им дозволеше на своите министри или градоначалници да се шетаат и да трошат народни пари во земји како Катар, Јапонија или Австралија во, наводна, потрага по странски инвеститори. Затоа, ако оваа Влада е сериозна за привлекување СДИ, првиот чекор е веднаш да ги разреши сите промотори надвор од гореспомнатите држави, за кои македонскиот народ пла��а.
(Авторот е економски аналитичар) |