Карлос Сантана
Свршувачка на концертот во Чикаго
Легендарниот Карлос Сантана, иако воопшто не е во цветот на младоста, сепак, покажа дека може да биде многу романтичен, кога во текот на последниот настап, на сцената ја побара за жена својата избраничка, тапанарката Синди Блекмен. Славниот гитарист го постави судбоносното прашање во текот на настапот во Тинли парк, близу Чикаго, по четири отсвирени песни и соло-изведбата на неговата свршеничка. Таа веднаш го прифати предлогот на Сантана, по што настапи момент на ерупција од овации во публиката.
„Синди и јас сме благословени што се најдовме еден друг. Да се биде вљубен е како подарок од вселената, а духот и вибрациите, кои доаѓаат со тоа, се вечно моќни“, изјави 63-годишниот музичар. „Радосен сум што можам да ја изразам таа енергија низ мојата музика“, тврди тој.
Еден од најдобрите гитаристи на сите времиња пред две години се разведе од сопругата Дебора, со која беше во брак 34 години. Неговата нова свршеничка Синди Блекмен, една од најбараните тапанарки во САД, досега настапувала заедно со Лени Кравиц и Касандра Вилсон. |