Осум руски тенори на иста сцена на „Охридско лето“

Вечерва на „Охридско лето“, во Античкиот театар во 21 часот, ќе се одржи оперски гала-концерт со настап на осум тенори од Русија, кои поради огромната успешност во своето дејствување го стекнаа епитетот „Тенори на 21 век“.
Се работи за еден од најпопуларните руски музички состави, кој за време на петгодишното постоење се здоби со меѓународна слава, а тенорите остварија настапи со светски реномирани руски оркестри како Московскиот симфониски оркестар „Руска филхармонија“, оркестарот „21 век“ на Павел Овсијаников и многу други. Покрај редовните настапи на сцените на московските театри, тенорите настапуваат на најпрестижните светски оперски сцени, како што се Милано, Болоња, Лондон, Њујорк, Токио и многу други.
Публиката во Охрид ќе има ретка можност да види осум врвни тенори заедно на сцена: Александер Захаров, Димитри Сибиртсев, Максим Пастер, Сергеј Писарев, Александер Скварко, Александер Богданов, Михаил Урушов и Георги Фараџев. Членовите на овој состав се солисти на водечки московски оперски куќи и театри. Често се поканувани да учествуваат и во владини културни програми, а нивните настапи се проследени и од рускиот премиер Владимир Путин, рускиот претседател Дмитри Медведев, поранешниот американски претседател Џорџ Буш...
Ансамблот „Тенори на 21 век“ во 2007 година ја доби наградата „Руско национално богатство“. Досега, тенорите имаат издадено повеќе од десет солистички албуми, со дела од италијански композитори и руски народни песни.
На вечерашниот концерт публиката ќе може да слуша дела од класичната програма, како и од популарната музика, меѓу кои и песните „Воларе“, „Нон ти скордар ди ме“, „Ариведерчи Рома“, „Ла дона е мобиле“, „Мама“, „Би мај лав“ и најпознатата руска народна песна „Калинка“. (Т.И.) |