Овации за Македонскиот балет во Палермо
Балетот се претставил со „Лебедово езеро“ на летната сцена на „Театро Масимо“ пред повеќе од 3.000 публика
Македонскиот балет, како што информира оваа институција, совршено се претставил во Палермо, Италија, изведувајќи ја претставата „Лебедово езеро“ на летната сцена на „Театро Масимо“. Сцената била исполнета со повеќе од 3.000 публика, која со бурни овации ги поздравила нашите уметници.
Во главната улога, како Одета/Одилија, настапила Марија Кичевска, која својата улога ја одиграла мајсторски. „Блескаше од вториот до четвртиот чин. Ја понесе и маѓепса италијанската публика, со што беше наградена со громогласен аплауз и овации. Предизвикот да се настапува на една ваква сцена со врвни солисти и балетски ансамбл, кој имаше синхронизиран и емотивен пристап придонесе претставата да добие врвен уметнички квалитет“, известуваат од МОБ.
Директорот на МОБ, Дејан Прошев, кој присуствува, пак, на турнејата на Македонскиот балет низ Италија, вели: „Беше вистинско задоволство и несекојдневно уживање да се гледа својот ансамбл и маестралната Марија Кичевска на една од најпрестижните европски сцени, ’Театро Вердуа‘ - летната сцена на ’Театро Масимо‘. Горд сум на целиот ансамбл и посебно на Марија како Одета и Одилија, која ги измами овациите на италијанската публика, фасцинирајќи со својот врвен техничко-уметнички сценски израз“. (Т.И.) |