Иванка Апостолова наградена со „Љупчо Филипов“

Ликовната уметница Иванка Апостолова е годинешната добитничка на признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“, кое го носи името на прерано починатиот доајен на македонското стрип-творештво, а го доделува Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес. Апостолова е наградена за успешната соработка реализирана, пред се', преку обезбедување контакти и учество на македонски стрип-автори на фестивали во светот „Балкан транзит“, „Лигатура“ и др. Таа досега објавувала стрипови во над 20 светски магазини за стрип и цртеж, меѓу кои и во „Стрипбургер“, „Лифт“, „Керозин“, „Контејнер“, „Д магазин“, „Милк“, а е застапена и во антологијата „Женски стрип на Балканот“.
Доделувањето на наградата е дел од тр��диционалниот Меѓународен салон на стрип, кој секоја година се организира во средина на октомври во Велес, а за оваа година Стрип-центарот најавува гостување на стрип-автори од Јапонија, Америка, Швајцарија, Србија и од Косово, како и промовирање на недоволно развиената и афирмирана сцена од Албанија. Во тек е и меѓународниот конкурс за стрип, кој ќе трае до 25 септември - www.comicscenter.mk. Досега признанието „Љупчо Филипов“ го добиле Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков - „Тајфа арт“, Томислав Османли и Дарко Марковиќ.(К.Б.) |