„Китка“ - најуспешна група на „Илинденски денови“
Фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања ја доби наградата за најуспешна група што презентира изворен фолклор, на завчера завршениот Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.
Наградата за најуспешна група што презентира староградски фолклор му е доделена на ансамблот за народни песни и игри „Илинден“, а фолклорниот ансамбл „Цветови“ ја доби наградата за најуспешно презентиран детски фолклор. За најуспешен изворен оркестар е прогласен оркестарот на ФА „Стар извор“ од Облешево, а за најуспешна вокална изведба, вокалното трио на КУД „Ацо Караманов“ од Радовиш.
Специјалната награда за особен придонес за развојот и промоцијата на македонските народни песни и игри му е доделена на државниот ансамбл „Танец“.
За наградите одлучувало стручното жири, во состав: Блаже Палчевски - етнолог, Тофе Дракулевски - фолклорист-кореограф, Родна Величковска - етномузиколог, Александар Димитријевски - етномузиколог и Кире Стојчевски - етномузиколог. (К.Б.)
|