ПЕН: Слободата треба постојано да се освојува
Невена Поповска
ОХРИД - Со тркалезната маса на тема „Слободата и стравот“ која од учесниците беше оценета како мошне мудро избрана, вчера во Охрид почна 11-тата охридска ПЕН конференција. Речиси сите учесници зедоа учество во дискусијата од која како главна поента произлезе ставот дека „слободата не е она што некој може да ви го даде, туку е она што никој не може да ви го земе“.
Воведничарот Ферид Мухиќ, се осврна на прашањето за слободата и правото од неа. „Луѓето се фасцинирани од слободата, но исто толку се бескрупулозни кога некому треба да му ја одземат. Човекот насекаде се раѓа слободен, но живее во окови. Но, од друга страна, ниедна човечка постапка не е изнудена. Секогаш одлучуваме самите за се. Секогаш зависи од нашето ’да’ или ’не’ и настаните чекаат на нас“.
Жан Гилоно од францускиот ПЕН ги повика писателите да имаат храброст да се соочат со стравовите, зашто ако нема ризици, рече тој, нема слобода. Ефтим Клетников пак, истакна дека „слободата е еден од најлизгавите и најконтроверзни поими“, прашувајќи, „дали слободата е во НАТО, САД, ЕУ? Сметам дека одговорот е не со она што ЕУ го покажува кон мојата земја и непочитувањето на нашите традиции и култура во спорот со Грција“. „Оставете не слободно да грешиме“, повика Стефан Влахов Мицов од Бугарија. „Најтешкиот пат до слободата е надминувањето на сопствените стравови. Нашата слобода не ја загрозуваат останатите човечки суштества туку ние самите“.
Патриција Гаванџо од каталонскиот ПЕН го лоцираше проблемот во тоа како да се зачува сопствениот идентитет во глобалниот свет. „Мора да се има иднина за да се биде слободен“, рече таа.
Јиржи Дедечек од чешкиот ПЕН се задржа на слободата и стравот во една посткомунистичка земја како што е Чешка. „Во комунизмот стравот беше фабрикуван“, истакна Дедечек „а, за слободата сонувавме и копнеевме да ја запознаеме на едно повисоко ниво. Дојде денот и слободата е се уште недостапна. Може да се изразуваме слободно, да патуваме и не ризикуваме поради слободно изразена мисла, да бидеме затворени, но и денес новата влада продолжува да ни го црта лицето на непријателот да го сее стравот од војна, нуклеарни ракети итн.“
Симона Грација Дима од романскиот ПЕН извлекувајќи ја поентата на вчерашната трибина дека слободата не е она што некој може да ви го даде туку е она што никој не може да ви го земе, рече дека „вистината не може да се мери, таа е дел од еден голем внатрешен процес кој ние писателите не сме во состојба да го изведеме до крај како еден вид тивка револуција“. Тери Карблас од каталонскиот ПЕН се задржа на стравот од непознатото и од странците, а надоврзувајќи се на оваа тема Катица Ќулавкова од македонскиот ПЕН рече дека „Македонците се повеќе се како Хамлет. Постојано се пред прашањето дали постојат или не. Јас знам дека постојам“, рече Ќулавкова, „но другите ми велат дека не постојам, а тоа е мачна ситуација. Ние знаеме колку е стар и моќен македонскиот идентитет, но сепак доживеавме во Советот на Европа да биде побарано тој да се евидентира како идентитет на ФИРОМ, јазик на ФИРОМ итн.“.
Трибината беше заокружена со дискусиите на писателот Разме Кумбаровски и Данило Коцевски, претседател на СВП, кој рече дека „слободата треба постојано да се освојува и особено денеска во услови на глобализација не треба да се поведуваме според општите правила“.
Учесниците на 11-тата охридска ПЕН конференција во попладневните часови ги посетија културно-историските споменици на Охрид, а синоќа во Домот на културата учествуваа на меѓународно поетско читање. |