Театарскиот маг Питер Брук доаѓа на „Охридско лето“
Македонската публика ќе може да ја почувствува магичната аура на Брук со проектот „Зошто, зошто“
Лилјана Митевска
Без никаков сомнеж, Питер Брук е највлијателната фигура во театарот на денешницата. Неговите легендарни поставки, особено на Шекспировите класики, суштински ја сменија перцепцијата кон бардот, а основните постулати во неговиот манифест за новиот театар, книгата „Празен простор“, објавена 1968 година, се' уште претставуваат инспирација за театарските уметници ширум светот. Големиот театарски маг, иако во минатото во неколку наврати ги посети балканските простори, за прв пат доаѓа во Македонија. На 12 август, конечно, и македонската публика ќе има ретка можност да ја почувствува магичната аура на Бруковите дела.
Брук на „Охридско лето“ доаѓа со неговиот последен проект „Зошто, зошто“, кој на 17 април ја имаше својата светска премиера во „Шаушпилехаус“ во Цирих, во Швајцарија. Станува збор за монодрама во изведба на актерката Миријам Голдшмит, која ќе биде одиграна на сцената на Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид.
„Зошто, зошто“ е истражувачка драма, литургија славена низ древни ритуали. Не е претстава. Нејзината главна преокупација е примарното прашање: Зошто? Жената шаман, вештица, гротескна свештеничка со голем талисман околу вратот и турбан на главата – актерката Миријам Голдшмит започнува со едно едноставно театарско прашање: Кој зборува кога некој зборува? Како може некој да ги донесе духовите на сцена? Дали треба да ги спалиме делата на Шекспир? Како некој влегува на сцената? А како излегува.... Литургија која ја истражува потрагата по вистината во најубавата, најграндиозната игра на светот: теоријата. Иако оваа теорија е неверојатно актерски одиграна.
Низ оваа драма, 84-годишниот Брук заедно со актерката Миријам Голдшмит со која соработува уште од седумдесеттите години, го истражува креативниот процес во театарот. „Претставата се занимава со есенцијата на самиот театар... Но, таа нема да понуди одговори. Театарот никогаш не дава одговори“, вели Питер Брук во едно интервју за претставата.
Целиот процес се карактеризира со постојано поставување прашања и потрага по значењата, а потоа повторно прашување. Но, не станува збор за објаснување на театарот. Питер Брук секогаш бил скептичен кога станува збор за теориите, а актерката Миријам Голдшмит не демо��стрира драмска теорија. Таа презема делови од текстовите на Мејерхолд, Крег, Арто, Мотокијо и секако Шекспир, ги погледнува, ги става под знак прашање, ги отфрла или ги надградува, а потоа преминува на некое друго дело.
„Сите тие развија сопствен метод, сопствени теории и систем. Но идеите не се никогаш дадени еднаш засекогаш. Тие мора да бидат применети во моментот и секоја нова генерација е принудена повторно да ја изоди патеката, чекор по чекор. Нашата цел беше да создадеме мозаик во кој гласот на Шекспир се враќа, заедно со сите големи гласови од минатото, како ехо во сегашноста“, вели Брук. Според него, ова специфично театарско искуство почива на евокацијата. „Евокација за тоа што е она кое е таму и тогаш, а кое го прави сето ова видливо. Најважно е да се покаже што значи да се биде жив“.
Актерката Миријам Голдшмит, во согласност со познатата естетика на Брук, ја изведува претставата во минималистички, речиси празен простор. Таа користи само една голема дрвена рамка на тркалца низ која влегува и излегува од една слика. На сцената таа е придружена од музичарот Франческо Анџело кој свири на мистериозен швајцарски традиционален инструмент. Накратко, еден мал, интимен, но пред се', отворен свет – магичен Бруковски простор. |