Парадоксот на револуцијата
„Мара/Сад“ од Питер Вајс, во режија на Васил Христов, вечерва ќе има затворена премиера во МНТ
Лилјана Митевска
„Прогонството и убиството на Жан Пол Мара, во изведба на пациентите на клиниката Шарентон во режија на Маркизот Де Сад“ или како што е позната накратко „Мара/Сад“ не е ниту „удобна“ ниту инстантно допадлива драма. Но, е неверојатно моќна. Поточно, оваа драма може да се опише како своевиден нокаут, неверојатно силен удар во вилицата на гледачот, кој откако ќе се освести со кофа ладна вода е приморан интелигентно да резонира што всушност му се случило. Згора на се', поставката на „Мара/Сад“ во режија на Васил Христов, која последниве два месеци се работеше во МНТ и која вечерва има затворена премиера, ќе успее и да ве насмее.
Драмското дејствие е лоцирано во лудница. Најпрвин редица луѓе фатени за едно јаже се искачуваат на сцената. Завесата се крева и тие воодушевено истрчуваат на сцената. Она што следи е рој од емоции, отворено насилство, бруталност, гилотина, смрт, политички говори, многу пишување и пеење… и кога мислите дека е крај, следи уште насилство кое на крајот завршува врз главата на невините, а оние кои набљудуваат се приморани да размислуваат за односите на моќта и парадоксот за тоа како некои од најголемите злосторства во историјата произлегуваат од некои од најблагородните идеи.
За сите оние на кои историјата не им е најдобра страна, ова би можело да биде некаква груба илустрација за Француската револуција, која е во фокусот на познатото дело на Питер Вајс, во кое покрај историските факти се инкорпорирани и некои фиктивни ситуации.
„Мара/Сад“ е претстава во претстава. Поточно, во лудницата Шарентон, каде што е затворен озлогласениот Маркиз Де Сад (каде што всушност тој навистина престојувал од 1801 до неговата смрт во 1814), тој собира група на болни за да изведат претстава за смртта на големиот револуционер Жан Пол Мара, убиен од младата жирондостка Шарлота Кордеј. Во поставката на Христов, ликот на Де Сад и на Мара истовремено ги игра Јордан Симонов во улогата на еден параноичен шизофреник преку кој се отсликува судирот меѓу екстремниот хедонизам и фанатичниот идеализам. Негова болничарка е Ѕвезда Ангеловска во улогата на Симона. Kако Кордеј, која според изборот на Де Сад ја игра девојка која страда од спијачка болест, настапува Николина Кујача, а нејзиниот платонски сојузник, господинот Ди��ре, е Оливер Митковски како еротоман кој „внесува нијанса на урбаност во убиствената еуфорија на Револуцијата“. Освен нив, на сцената се цела редица на претежно млади актери од тимот на МНТ кои сите заедно ги тестираат границите и целите на Револуцијата.
Претставата ја надгледува Кулмие, директор на клиниката Шерентон, кого го игра Кирил Коруновски и кој патролирајќи по границите на сцената се заканува дека ќе ја запре претставата доколку „историјата“ премногу наклонува кон критика на нашите „многу поцивилизирани“ времиња. И токму тоа е есенцијалната моќ на оваа претстава.
„Мара/Сад“ со своите отворени, најдиректни, длабоки и јасни ставови во однос на револуцијата, моќта и нејзината злоупотреба е суштински релевантна за денешнината колку и за минатото како жестока критика на политичките лидери кои го манипулираат својот народ присилувајќи го на покорност. Претставата го отвора прашањето дали револуцијата навистина може да донесе трајна промена? Таа е исцрпувачка, но стимулативна потрага по значења, која истовремено исцртува една поширока слика на насилството кое таквата промена го иницира и преодната природа на политиката на моќта кога денешните благородни цели се утрешно предавство и обратно.
Политичката дијалектика главно се одвива преку спротивставените, револуционерни, социјалистички ставови на Мара и анархистичкиот, нихилистички став на Де Сад. Притоа таа директно и се обраќа на публиката иницирајќи интензивно лично соочување со политичката филозофија. Како член на публиката чувствувате дека вистински сте дел од чудната, комплексна машинерија на „Мара/Сад“.
Се' во оваа претстава е дизајнирано да воодушеви, шокира, но и да забавува. Ова особено се однесува на сцените на Кордеј и Дипре, во кои специфичната „балетска“ кореографија создава неверојатно комичен ефект на љубовна патетика.
„Мара/Сад“ е драма на идеи. Во оваа претстава во претстава, драмската судбина на Жан Пол Мара е еквивалент на судбината на Француската револуција. Но, иако револуцијата не успеа, генералната констатација е дека оваа продукција ветува успех.
|