Во Безистен ќе се отворат ателјеа на ДЛУМ
Трите простории во Безистенот во Старата скопска чаршија што му беа отстапени на ДЛУМ од страна на владата преку Министерството за култура на десетгодишно користење како ателјеа, ќе бидат промовирани и пуштени во употреба на 1 јули.
Доделувањето на просториите е дел од промоцијата и повторното заживување на заштитеното културно градско јадро, а Друштвото на ликовните уметници вложило големи средства и напори за нивно реновирање и санација, за да можат да се користат како ателјеа за уметниците и како кафе галерија.
Реновирањето е резултат на дел од залагањата на членовите на ДЛУМ, но и од помошта добиена од пријателите и љубители на уметноста како донатори и спонзори Ателјеата ќе им се доделуваат на уметниците на користење по пат на конкурс за подготовка и презентација на самостојна изложба или други видови проекти.
Програмата на свеченото отворање што ќе започне во 21 часот, ќе содржи изложба на ликовната уметница Симонида Филиповска-Китановска во „Галеријата 8“, видеопроекција на Алкесандар Гроздановски, како дел од проектот „Скопски урбани приказни“, театарски п��рформанс на „Театар 007“ и диџеј перформанс на Костадин Шурбановски. (К.Б.) |