Премиера на „Рекламна бајка“ на Театарот за деца и младинци
Претставата раскажува приказна за злоупотреба на детската доверба
Вечерва во рамките на „Скопско лето“, Театарот за деца и младинци премиерно ќе ја изведе претставата „Рекламна бајка“ од Русомир Богдановски, кој се јавува и како режисер. Претставата раскажува приказна за злоупотреба на детската доверба, за тоа како лошиот волшебник ќе ја грабне Рекламната принцеза за да ја принуди да ги рекламира како здрави неговите штетни производи. Но, тоа нема да му го дозволи Голомеше, кој ќе успее да ги придобие ликовите што работат за волшебникот и тие да станат свесни дека му служеле на погрешен човек.
„Претставата ’Рекламна бајка‘ е нова верзија на еден мој поранешен текст за деца. Идејата беше да се направи бајка која ќе говори за современите проблеми за децата, а пред се, за злоупотребата на детската доверба. Имав идеја да направам една музичка комедија за деца, музичка бајка каде што важен елемент ќе биде кореографијата. Спој на глума, кореографија и музика“, рече Богдановски на вчерашната прес-конференција.
Во претставата играат: Предраг Павловски како волшебникот Шашма, Мартин Јорданоски ја толкува улогата на Дете Голомеше, додека Винета Дамческа е Рекламната принцеза. Играат и Елена Трајковска, Игор Ангелов и Марија Ѓорѓијовска. Сценографијата е на Кирил Василев, костимографијата на Маја Димовска и Елена Вангеловска, кореографијата на Јана Андрејевиќ, а музиката на Љупчо Мирковски.
„Рекламна бајка“ ќе биде репризирана утре, а од септември ќе биде на редовниот репертоар на Театарот за деца и младинци. |