„Анонимни емотивци“ ќе го отвори Францускиот фестивал во Охрид
Од 2 до 5 јули ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот на француски филм, кој најавува петнаесетина најнови француски остварувања
Сунчица Уневска
Од 2 до 5 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот на француски филм. За отворањето годинава е одбран симпатичниот љубовен филм „Анонимни емотивци“ на Жан-Пјер Америс. Иако фестивалот оваа година ќе трае пократко, само четири дена, сепак, организаторите најавуваат дека ќе бидат прикажани петнаесеттина француски филмски остварувања. Исто така, најавено е и доаѓањето на неколку реномирани имиња од француската кинематографија, како и од регионот.
„Анонимни емотивци“ е филм на режисерот Жан-Пјер Америс, кој зад себе има 12 остварувања, а има освојувано и повеќе награди, меѓу кои за млад автор во Кан, како и во Сан Себастијан. Филмот на отворањето е посветен на љубовта и на заедничката пасија на главните протагонисти, чоколадата. Глав��ите улоги во филмот ги играат Беноа Поелворд и Изабел Каре. Станува збор за едно од најновите остварувања направено во француско-белгиска копродукција, кое лани во декември ја имаше својата премиера.
Покрај овој филм, на фестивалот ќе можат да се видат уште седум долгометражни филмови, кои ќе се борат за наградата „Златна маска“, како и неколку филмови во оф-програмата и повеќе краткометражни остварувања од понова продукција. Додека за затворањето е одбран еден исклучителен филм од ланскиот Кански филмски фестивал, „За луѓето и за боговите“ на Ксавиер Бувоа. Тоа е филм за група монаси која е стационирана во една осиромашена алжирска заедница што се наоѓа под закана на фундаменталистички терористи. Овој филм имаше повеќе номинации и награди, а лани во Кан ја освои и Специјалната награда на жирито.
Пред самото започнување на фестивалот во Македонија пристигна големиот француски и светски сценарист Жан Клод Карие, кој е и специјален гостин на фестивалот. Фактот што овој фестивал се одржува веќе четврта година, министерката за култура, Елизабета Канческа - Милевска, го гледа како можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу Македонија и Франција на полето на филмот. И за оваа година е планирана средба на продуцентите од Франција и од целиот овој регион, која им дава можност да се договорат за евентуални идни копродукции. Како што најавуваше уште на средината на овој месец директорот на фестивалот, Зоран Велјановски - Летра, и годинава се очекуваат многу гости од Франција, а исто така предвидени се и средбите со публиката по проекциите, кои и обично се најинтересни. Велјановски зборуваше дека фестивалот во Охрид е многу посетен од домашната публика, која дојде во една респектабилна бројка од седум до девет илјади посетители, кои се очекуваат и годинава иако ќе има помалку денови.
Во селекција на Ив Алион и претходните години фестивалот донесе доста интересни нови француски остварувања, а такви се најавите и за годинава. Велјановски рече дека и на ова издание ќе бидат претставени најдобрите филмови од поновата продукција и дека, иако има филмови и на млади и на реномирани автори, сепак, акцентот на фестивалот е на откривање на дебитантите.
Францускиот амбасадор во Македонија, Жан Клод Шлумберже, кој исто така му дава голема поддршка на фестивалот, рече дека ова е веќе престижна француско-македонска манифестација, која овозможува да се обединат енергии, личности и уметници со голем талент. Тричленото жири кое ќе одлучува за наградите и оваа година ќе го предводи македонскиот режисер Антонио Митриќески. Додека, финансиската поддршка фестивалот ја добива од Францускиот културен центар, од Министерството за култура и од градот Охрид. |