Мал одѕив за „Правда, слобода и еднаквост“
Едвај стотина луѓе се собраа на вчерашниот Марш на толеранцијата, кој се одржа под мотото „Правда, слобода, еднаквост!“, а со кој годинава се испраќа апел за политичка толеранција и намалување на говорот на омраза на политичката сцена. Маршот, кој годинава се одржува втор пат, се организираше по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 Ноември.
Собирот почна пред Музејот на град Скопје, а заврши во Старата скопска чаршија. Маршот беше слабо посетен и од политичарите, на кои и се однесуваше. Од пратениците дојдоа Стојан Андов и Весна Бендевска, а од амбасадорите, Ерван Фуере и Симоне Филипини. Имаше и претставници од невладините организации - Хелсиншкиот комитет, Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници.
„Како член на собраниската Комисија за заштита на човековите права констатирав безброј мали и крупни невидливи неправди и дискриминации кон луѓето без можност тие да дојдат до правда“, изјави пратеникот Андов. Тој укажа дека политичарите настојуваат да донесат закони, но и тие, како што рече, се „инвалидни“. Уранија Пировска од Канцеларијата на народниот правобранител изјави дека сите треба да застанеме против предрасудите и погрешното подразбирање на различностите, а случаите на дискриминација да се пријават кај правобранителот. Според неа, мал е бројот на претставки што се однесуваат на дискриминација, што не значи дека ја нема.
Најжестока е дискриминацијата врз основа на политичка определба, ги пренесе Кочо Андоновски наодите на Хелсиншкиот комитет. На собирот се обрати и поранешниот портпарол на Фондот за здравство, Дејан Гацов, кој рече дека по оставката, се соочува со многу кривични и приватни тужби. „Во Македонија е создадена атмосфера во која политичката неистомисленост се третира на ниво на криминал“, рече Гацов, кој и' порача на власта да престане да заплашува. (Ж.Ѓ.) |