Атентатот останува мистерија
Во изминативе години се обработени три можни траги. Како ќе се дејствува понатаму не е јасно
Гордана Дувњак
Само еден ден откако Обвинителството соопшти дека се покажале лажни тврдењата на новиот сведок за атентатот врз тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, отровните партиски стрели се насочија кон оној што прв го обелодени постоењето на очевидец. Вчерашниот ден не беше посебно пријатен за професорот Љубомир Фрчкоски, кој беше двојна цел: на поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, и на премиерот Никола Груевски, со кого се најде на суд за да одговара за изречена клевета.
Лидерот на Демократскиот сојуз, Трајанов, вчера побара од МВР и јавниот обвинител да спроведат целосна истрага за да се утврдат мотивите и одговорноста на ексминистерот Љубомир Фрчкоски. Повод за тоа се пишувањата на Фрчковски дека зад атентатот врз Глигоров стои Службата за државна безбедност, кои, како што наведува лидерот на Демократскиот сојуз и актуелен пратеник, се затскриени зад изјавата на „сведокот“ со сомнителен кредибилитет.
„Сосема е извесно дека на Фрчковски во 1995/96 година, кога беше министер за внатрешни работи, му беа достапни сите битни информации и докази сврзани со атентатот врз Киро Глигоров , кој беше извршен на 3. октомври 1995 година, па вклучително и оние кои му беа предочени од ’сведокот‘”, рече Трајанов на вчерашната прес-конференција.
Тој смета дека со тие информации, кои Фрчкоски ги дополнил и ги објавил, на крајно манипулативен начин нанел огромна штета и го предизвикал Обвинителството да преземе процесни дејства.
„Со ваквите неодговорни постапки, со се' уште нерасчистени мотиви, Фрчкоски треба да понесе одговорност поради најмалку две тешки последици: нанесе огромни штети врз меѓународниот углед на Македонија, тврдејќи дека ДБК го извршила атентатот врз Киро Глигоров, а наедно создаде огромна вознемиреност кај семејствата на сите оние кои беа повикувани на разговор во МВР под сомнение дека се учесници во атентатот врз Киро Глигоров“. Лидерот на ДС, новото отворање на овој случај го оквалификува како „повторен атентат“ врз Киро Глигоров и врз Македонија.
На ваквите прозивки на Трајанов, поранешниот министер за внатрешни работи и универзитетски професор Љубомир Данаилов Фрчковски вчера не сакаше да одговори, а уште помалку да ги коментира.
Што се однесува до исходот од сведочењето на сведокот, чие постоење го обелодени Фрчкоски во една своја колумна, тој вели дека тоа е работа на Обвинителството.
„Јас бев во целиот случај обичен трансмитер. Повторно би го сторил и��тото, доколку добијам слични сознанија“, додава Фрчкоски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски уште на завчерашната прес-конференција, на која ги соопшти резултатите од проверката на исказот на новиот сведок, изјави дека дополнително ќе се проверуваат мотивите и евентуалната одговорност поради лажното сведочење. Но, и тој смета дека Фрчкоски постапил коректно и без да навлегува во содржината на исказот на сведокот, само го пренел она што го добил како сознание и помогнал да се идентификува евентуалниот нов сведок.
За Обвинителството досието „Атентат врз Глигоров“ не е затворено, иако е свесно дека по 13 изминати години е многу тешко да се дојде до нови сознанија околу овој криминален настан.
„Ние сме во постојан контакт со МВР, а преку нив и со безбедносните служби од регионот и пошироко. Секое ново сознание што ќе се појави, ние ќе го провериме. Исто како што тоа го сторивме со последниот сведок“, ни изјави вчера првиот човек на Обвинителството, Љупчо Шврговски. Тој уште еднаш повтори дека во изминативе години оперативно се обработени сите траги до кои е дојдено. Сите досегашни концепти кои воделе во три различни правци биле доволно истражени и апсолвирани, поради што се напуштаат затоа што не дале резултати.
Иако, Обвинителството определи нов обвинител, кој ќе работи на овој случај, кој и по 13 години се' уште е во фаза на преткривична постапка, бидејќи нема елементи за отворање официјална истрага, речиси е сигурно дека обвинителот Марко Зврлевски нема да има многу работа околу овој предмет. Мистеријата останува. |