Политиката сака да им биде старател на младите
Општините и Собранието ќе одлучуваат кој ќе членува во телата на младинските организации
Жаклина Ѓорѓевиќ
Општините и Собранието ќе одлучуваат кој ќе членува во телата во кои ќе се организираат младите во иднина, а кои ќе се нарекуваат совети на млади. Ова стои во предложениот закон за млади, кој неколку пати досега е критикуван од невладините организации, а кој сега е во собраниска процедура.
Триесет и пет невладини организа��ии пред неколку дена побараа од собраниските тела да се обезбеди јавна расправа за предложениот текст, со кој, според нив, начините на формирање на овие совети се недемократски, застарени и исполитизирани. Според Младинскиот образовен форум загрижува и тоа што младите нема да се бираат од самите млади, туку од општините и парламентот, што го коментираат како обид на државата да ги контролира.
А што е она што е спорно за невладините организации? Прво, тоа што предлог-законот, како што велат, се носи набрзина и без консултација со оние кои ги засега и на кои се однесува, а тоа се самите младински и невладини оргаизации. А потоа, и одредбите во самиот текст, каде се предлага општините и Собранието да ги избираат членовите на овие тела.
Имено, во предлог-законот за млади се предлагаат Совети на млади кои ќе постојат на општинско ниво, и за чии членови ќе одлучува Советот на општината. Додека, Државниот совет на млади ќе биде тело кое ќе функционира на ниво на цела држава, а ќе брои од 21 до 29 членови кои ќе ги бира Собранието. Од нив, Владата ќе предлага 13 членови од повеќе министерства, Агенцијата за млади и спорт, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Десет членови ќе ги предлагаат советите на млади од општините, а остатокот ќе се бираат преку јавен оглас по предлог на нациналните младински организации.
„Организациите кои се вклучија во оваа иницијатива забележаа нетранспарентен процес и исклученост на младите од дефинирањето на законските решенија“, вели претседателот на Младинскиот образовен форум, Марјан Забрчанец. Според него, предложениот закон ќе воведе повеќе бирократија, контрола и ограничување во младинското организирање.
Доколку предлог-законот се усвои во ваква форма, ќе се официјализира контролата врз една четвртина од населението во Македонија. Обидот државата да стави контрола и врз младинското организирање на државно ниво се препознава од решението кое предвидува повеќе од половина од членовите на Државниот совет на млади да бидат претставници на Владата и министерствата.
„Се надеваме дека пратениците нема да дозволат социјалистичка форма на младинско организирање, карактеристична за едно друго време, пред ’90-тите“ смета Забрчанец.
Начините на формирање на ваквите совети, тврди Забрчанец, се недемократски и застарени, а клучниот проблем, смета тој, е што членовите на локалните младински совети нема да се избираат директно од младите, туку според непостоечки критериуми, од советниците во општината, кои во најголем број се членови на политички партии.
Според Неда Коруновска од невладината „Реактор“, со сегашните решенија наместо младинска чадор-организација, какви што постојат во регионот и пошироко, ќе постои Државен совет на млади, кој ќе ја замени оваа организација која би требало да ги обедини младите.
„Предлог-законот е донесен набрзина и без учество на младинските организации. Препораките на Советот на Европа е да се напуштаат традиционалните начини на организирање на младите со цел да се вклучат што повеќе млади. Насекаде постојат сојузи на младински организации каде секоја организација си има собрание. Таа чадор организација треба да овозможи секој да влезе и да членува во неа“, вели Коруновска. Таа прашува како е можно властите да ги бираат младите што ќе бидат претставници во телата кога според нивните истражувања, тие не веруваат дека можат да влијаат врз нивната работа. |