Пет минути интервју
Татковството ми носи многу радост
Владо Георгиев - шминкер и фотограф
Валентина Тодоровска
Како професионален фотограф, овековечувач на убавите нешта и естет, дали летово наоѓаш повеќе инспирација за да ја оствариш својата креативност? Што сликаш најчесто?
„Инспирација има насекаде околу нас... И во зависност од годишното време, само темите и објектите се менуваат. На пример, пејзажи во секое време можат да се фотографираат, цвеќиња има преку цела година, луѓе насекаде и во секое време. Разликата е во нијанси, а јас нив ги сакам“.
Со оглед на тоа што се честа цел во твојот објектив - кои се најубавите жени во Македонија?
„Мислам дека во Македонија нема место каде се најубави жените... Секаде има многу убави жени и девојки, само кога ќе одиме во некој друг град и се' ни е ново, и жените ни се поубави од кај нас... Особено ако забавата се погоди, тогаш најубавите се таму“.
Бидејќи си и професионален шминкер. Кој е твојот совет за лето - шминка да или не?
„Совет за шминкање во лето е - НЕ ШМИНКАЈТЕ СЕ ПРЕКУ ДЕН И КОГА ОДИТЕ НА СОНЦЕ. Лицето ќе ви биде многу поблагодарно ако намачкате заштитен крем отколку што било... а и новите модерни очила за сонце кријат половина лице“.
Како стоиш со поимот летен одмор, особено со неговата реализација?
„На одмор годинава ќе се оди во Струга. А знаеш што е разликата помеѓу Охрид и Струга? Има Охридско Езеро, ама нема охриѓани! Шега настрана, ама езерото е потопло, на плажа не мора да се оди со возило и да се чека со часови на некоја кривина, плажите се поплитки и идеално е за деца што сакаат да пливаат со перки и да ловат рипчиња во плитко“.
Колку татковството ти носи радост?
„Татковството ми носи многу среќа и радост.... Ја гледам Ина како расте, игра и секој ден станува се' попаметна и приготвува разни изненадувања. Тоа се спомени што се чуваат до крајот на животот“. |