Цистерни со сомнителна хемикалија стојат на Блаце
Дали и кога ќе бидат повлечени цистерните останува непознато. Не станува збор за радиоактивни материи
Деспина Трајковска
Што содржат точно трите цистерни кои од завчера се наоѓаат на меѓуграничниот простор меѓу Косово и Македонија и дали и кога тие ќе бидат повлечени оттаму останува непознато. Засега е сигурно дека не станува збор за радиоактивни материи. Пратката, според владиниот портпарол Ивица Боцевски, била наменета за извесен косовски бизнисмен со хидраулично масло. Но, по нејзиниот влез на косовската територија и сомнежите на тамошните служби дека станува збор за поинакви материи, камионите без претходна најава биле вратени кон Македонија.
Цистерните вчера втор ден беа заглавени на терминалот Блаце, кој од безбедносни причини во делови е затворен. Поради сомнежите дека камионите се натоварени со опасни хемикалии, од кои во неделата на терминалот истекле десетина литри, Граничната полиција и цариниците се во мобилизирана состојба. Од острата смрдеа што се шири околу цистерните службениците се штитат со гас-маски, а некои од нив, како што посочија од Царинската управа, превентивно примиле вакцини. Владиниот портпарол Ивица Боцевски информира дека сите надлежни институции од завчера се мобилизирани за разрешување на случајот. Се вршат испитувања да се утврди за каква материја станува збор. Проблемот дури се обидувал да го реши и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој, како што рече Боцевски, досега не успеал да стапи во контакт со неговиот косовски колега. Според Боцевски, сознанијата со кои располага нашата страна е дека камионите со бугарски регистарски таблички тргнале од Иран со крајна дестинација Призрен, Косово. Тие требало да му бидат испорачани на извесен призренски бизнисмен. Кога влегле во Косово, камионите предизвикале внимание кај тамошната полиција, која се посомневала дека товарот не е хидраулично масло, туку дека станува збор за друг вид пратка. Косовските надлежни служби, наводно, побарале од бизнисменот сомнителната пратка да ја врати безбедно до првото одредиште. Боцевски информира дека Царинската управа на Македонија, пак, побарала пратката да се препакува и за неа да се приложи соодветна дозвола која ќе гарантира безбеден транзит низ државава.
Инаку, неофицијално од досегашните испитувања на теренот се дознава дека камионите се натоварени со бисулфат, а не со хидраулично масло, како што стои во царинската декларација. Сепак, за да се знае точниот состав на товарот, ќе бидат направени дополнителни анализи од Републичкиот завод за здравствена заштита, по што ќе се знае и што ќе биде преземено. |