Закажано судењето на прилепските бомбаши
На двајца од групата од шестмина обвинети ќе им биде судено во отсуство поради нивна недостапност
Љубиша Станковиќ
Случајот со шестчлената група во јавноста позната како „прилепските бомбаши“, наскоро ќе се пресели во скопскиот Основен суд Скопје 1 со обвинувања дека сториле две кривични дела: злосторничко здружување и предизивикување општа опасност. На двајца од обвинетите, најверојатно ќе им се суди во отсуство, но преостанатите четворица, со решение на истражен судија од Основниот суд во Битола веќе четири месеци се во притвор.
За настаните што се случија во почетокот на 2006 година, Јавното обвинителство ги товари прилепчаните Звонко Илиоски - Лутото и неговиот син Самоил, Маријан Маркоски - Мачето, Емил Ангелески - Ампата и недостапните за органите на прогонот Злате Јованоски - Бомбата и Горанчо Петрески -Трде.
Јавното обвинителство како организатори на групата ги посочува Звонко Илиоски и сега покојниот Никола Мојсовски. Според Обвнителството, групата која била формирана во текот на летото 2001 година имала за цел да извршува тешки кривични дела, а за кои е предвидена затворска казна од најмалку четири години затвор. На групата и' се приклучиле Марјан Маркоски, Самоил Илиоски, Емил Ангелески, Злате Јованоски, Горанчо Петрески и уште неколку непознати лица.
Според обвинителниот акт, на 11 јануари 2006 година, некаде околу четири часот наутро, обвинетите Ангелески и Петрески фрлиле две рачни бомби кон куќата на Зоран Илиоски. На нападот му претходел договор, а потоа Англески и Петрески со автомобил се упатиле кон улицата „Димче Мирчески-Брњарот“, односно кон домот на Илиоски. Возилото, како што тврди Обвинителството, го управувал Ангелески, а бомбите кои завршиле во дворот и на покривот од куќата ги фрлил Петрески.
Последното дело наведено во обвинителниот акт и кое се однесува на Маркоски било сторено на 1 февруари годинава или само еден ден пред притворањето на групата. Станува збор за поставување регистарски таблички од автомобил „даеву матиз“ (ПП-550-БФ) на возило „голф“, сопственост на извесен Чани Билали, државјанин на Босна и Херцеговина.
На претресот што следува, Обвинителството како сведоци бара да бидат повикани оштетениот Илиоски, поранешниот директор на Тутунскиот комбинат - Прилеп, Диме Момироски, и заштитените сведоци со пседоними: „Кам 14“, „Шил 10“, „РК 20“ и „Р 24“.
Во првичниот исказ што го дал Звонко Илиоски пред истражен судија на битолскиот суд, навел дека обвинувањата упатени на негова, но и на адреса на другите обвинети, се монтирани. Илиоски рекол дека во времето на воениот конфликт бил припадник на единицата „Лавови“, а потоа се вработил во СВР-Прилеп. Обвинетиот изјавил дека Момироски го познавал како поранешен директор на Тутунскиот комбинат и дека токму во 2001 година од него побарал цигари за припадниците на безбедносните сили. Според неговото тврдење, Момироски набрзина го свикал Управниот одбор и била донесена одлука на единиците, без надомест, да им се доделат 20 пакети цигари.
Второобвинетиот Маркоски на целиот проблем му дава политичка димензија. Тој рекол дека тие со актуелната власт немале добри односи, бидејќи припаѓале на ВМРО-Народна партија. Маркоски потврдил дека знае за бомбата што била фрлена на домот на Момироски, но појаснил дека тој со директорот бил во добри односи. |