Мислења
Молчењето не е злато, туку некомпетентност
Филип Петровски
Немањето искуство и став нашиот министер го дополнува со молчење, а дипломатијата им ја препушта на Владата, претседателот, помошниците, роднините...
Беше ова седмица исполнета со многу надворешно-политички настани, кои во најмала рака повикуваат на размислување, но и на сериозни анализи. Кај нас, во Македонија, нема обичај да се разгледува серија настани како една целина, туку секој настан се доживува сам за себе. И баш поради оваа наша навика ми се чини дека често ни бега поголемата слика. За да имаме подобар увид како се одвиваат работите, пак, треба да се постапува обратно, односно да се поврзуваат работите во аналитички целини. Тогаш можеме да дадеме и посигурни заклучоци, односно релевантно мислење, кое нема да се базира на недоволен број информации. Јас во оваа пригода ќе понудам четири елементи поврзани со надворешна политика на Македонија. Сметам дека тие јасно го покажуваат курсот, односно работењето на МНР и секако, на министерот. Оценувањето ќе го сториме на крајот од текстот.
Прво, од страна на српскиот министер за надворешни работи, Јеремиќ, добивме покана за заедничко организирање на Самитот на неврзаните, по повод 50-годишнината од постоењето на оваа организација, која, главно, се поврзува со Тито, Нехру и Насер. Како објаснување, што експресно е прифатено во овдешните кругови, иако официјално Милошоски молчи, се наведува дека тоа е дел од нашата заедничка историја и затоа треба без размислување идејата да се прифати. Меѓутоа, интересно е како заедничките цели и сеќавања се ставаат во преден план кога за тоа имаат потреба нашите северни соседи. А сосема спротивно на тоа, кога треба да се реши некој македонски проблем, како, на пример, оној со СПЦ, сите се оградуваат дека немаат влијание. Се плашам дека Македонија со оваа покана треба да ја одигра улогата на статист и небитна фигура, при одбележувањето на јубилејот. Министерот Јеремиќ ќе одел во Македонија и во Словенија да ја објаснува важноста на настанот, како и да не' убедува да ја прифатиме иницијативата. Ајде да видиме како ќе го објасни протерувањето на нашиот амбасадор лани. Или за ова, како и за многу други прашања поврзани со северниот сосед (како, на пример, прашањето на МПЦ), ќе остане на сила мораториумот за прашување.
Второ, од страна на Милошоски јавноста беше известена дека Грците ќе ставеле вето на почетокот на преговорите со ЕУ. Тој оценува дека преговорите оделе кон полошо по Самитот на НАТО во Букурешт. Кон тоа не заборави да додаде дека Македонија т.е. тој прави многу за да се реши спорот. Како и дека се очекува нов предлог од страна на Нимиц. Една идилична состојба во која проблем ни е само Грција. Меѓутоа, ова е класично правење алиби, односно збивање на внатрешните редови пред надворешниот непријател. Во случајот, се игра на кратко паметење и на патриотизам. Односно, се очекува дека ако се посочи Грција како виновник, внатре во државата ќе се раат на неодредено време. Дека нема да има критика, затоа што тој што критикува автоматски станува предавник и грчки шпион. Со тоа се сугерира дека ние сме конструктивната страна, која домаќински ги тера работите. Притоа се заборава да се каже зошто сега се прифатливи варијантите за промена на името, кои не беа прифатливи пред Самитот на НАТО во Букурешт. Доколку е точно дека работите се лоши по тој настан, тогаш зошто цело време на нашата јавност и' се сервира активизам, кој само што не довел до решение. Само едно изгледа како логичен одговор во моментов - наменско однесување за да се скрие сопствената некомпетентност и да се зачува фотелјата.
Трето, паралелно со конфузијата што намерно се предизвикува во врска со проблемот со Грција, Владата испраќа свој специјален претставник во Брисел за таму да лобирал за нас. Доколку тоа имаше некаква логика пред некое време, кога Владата се натегаше со претседателот, кој не беше од нејзините редови, тоа сега во најмала рака изгледа конфузно. Иако и тогаш не беше логично да се дуплираат задачите, бидејќи министерот може од секој амбасадор да побара извештај и да му наложи како да се однесува во одредени ситуации. Тоа може да го стори и Владата со секој амбасадор. Но, во овој случај не се користи таа можност, туку се дуплира персоналот што го имаме во Брисел. Со тоа индиректно му се укажува недоверба на амбасадорот. Кога е веќе така, чудно е што не се отповикува, зашто партијата сега го има и претседателот, кој за момент може да ја заврши работата. Македонија не е богата држава за да може да удвојува функции, а тоа да го плаќаат даночните обврзници. Затоа на вакви одлуки треба да им претходи посериозна анализа. На јавноста и' беше дадено образложение дека специјалниот претставник ќе лобирал за позитивен извештај. Мммм! Кога? По неговото објавување? Ако, сепак, требаше да се испрати специјален претставник, тоа требаше да се стори уште на почетокот на годината. И, секако, со јасно утврдени надлежности, за да се спречи јавното наддавање меѓу ДУИ и ДПМНЕ кому ќе му одговара тој претставник, штом ќе се најде во Брисел. Јасно е дека овие подготовки, ако имаше сериозен пристап, требаше да ги направи МНР.
Четврто, нашата држава ја немаше во Гдањск, на одбележување на 70-годишнината од почетокот на Втората светска војна. Причините биле технички. Баш поради тие технички причини пропуштивме шанса да се покажеме како сериозна држава, затоа што светот гледа и повеќе од сериозно на вакви одбележувања. Потсетувајќи се на хоророт од војната, светските лидери имаа можност во Гдањск да се зближат, да разменат по некој збор. Но, Македонија, како по обичај, затоа што ова не е првпат, не присуствува таму. Моментно сме немале амбасадор, па затоа немало кому да му се испрати покана. Бре! А, како дојдоа Милибанд, Меркел и Путин во Гдањск? Тие работат во амбасадите во Полска?
Не. Тие држави имаат сериозни дипломатии и министри. Тие не се занимаваат, како нашиот министер, со вдомување поблиски и подалечни роднини, во време кога треба да се работи на националните интереси. Во тие држави се практикува за министри да се поставуваат луѓе што немаат егзистенцијални проблеми, кои се школувани за таа работа и кои имаат долгогодишно искуство во таа област. Сето тоа на примерот на нашиот министер е обратно. Тој, место да работи и да решава проблеми на државата, ги решава проблемите на сопственото семејство, преку вработување на сите во МНР. Немањето искуство и, што е поважно, став, го дополнува со молчење. Дипломатијата им ја препушта на Владата, претседателот, помошниците, пријателите, роднините и за три години не успеа на јавноста да и' претстави ниту еден сериозен проект. Се извинувам, ама одењето по семинари, шетањето на Кабинетот и трошењето илјадници евра за тоа, не е проект.
(Авторот е докторанд по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk/ |