Тони Кертис
Со децении криел од семејството за вонбрачната ќерка
Пријател на неодамна починатата ѕвезда Тони Кертис откри дека славниот актер со децении криел од своето семејство за вонбрачната ќерка. Неколку недели по смртта на филмската легенда, Џон Коен раскажа за американскиот магазин „Глоуб“ дека 52-годишната актерка Џејми Ли Кертис има помлада сестра, но никогаш немала шанса да ја запознае. Вонбрачната ќерка на Кертис сега е во четириесеттите години од својот живот, а според зборовите на неговиот пријател, плод е на краткотрајната врска на Тони, една тогаш млада неперспективна актерка, со која се забавувал на крајот на 50-тите години на минатиот век. Таа ќерка никогаш не ја запознал, а неговиот пријател Коен за неа дознал летово во еден телефонски разговор. „Тони ми раскажуваше за неговото минато и тогаш ми рече: ’Сакам да ти кажам една лична, никогаш спомената тајна. Имам ќерка за која знаат само неколку луѓе’“, наведе Коен, додавајќи дека Кертис никогаш не му го открил името на ќерката , но ја опишал како „русокоса убавица со зелени очи“.
Инаку, 85-годишниот Тони Кертис почина на 29 септември годинава во својот дом во Лас Вегас, како последица на срцевиот удар. Во текот на долгогодишната кариера сними повеќе од 100 филма, а најпознати се „Слаткиот мирис на победата“ од 1957, „Пркосните“ од 1958, благодарение на што дојде до номинација за „Оскар“, но и култната комедија „Некои тоа го сакаат жешко“ од 1959 година, во која играше заедно со Мерилин Монро. |