Автомобили
„Шевролет спарк“ -футуристички блесок на малата „искра“
„Шевролет спарк“ со втората генерација направи исчекор во однос на претходникот. Малиот градски заводник ја продолжува новата дизајнерска филозофија почната со „круз“, продолжена со новиот „авео“ и подновената „каптива“.
Владимир Ристовиќ
„Искра“, на англиски „спар“, со футуристичкиот изглед воведен пред една година, го вивна малиот Кореец со „вратоврска“ на хаубата во автомобилското небо. Иако е мал, сега е сериозен освојувач на младешката популација во урбаните центри. Динамичен, привлечен, експлозивен адути за малиот голтач на сообраќајниците во претрупаните метрополи. Со своите малку повеќе од три и пол метри, нуди комфор што изненадува. Еден таков градски „срцекршач“ со агрегат од 1,0 литри и 68 КС имавме на краток тест.
Господар на градските сообраќајници и паркинзи
Малите димензии се голема предност во големите градови со претрупани сообраќајници со возила. Лесно се протнува меѓу „заглавените“ автомобили во метежот, а преминот од лента во лента е едноставен. Рај за скопскиот сообраќаен метеж. Паркирањето од тортура се претвора во забава. Едноставно се вгнездувате во просторот помеѓу две паркирани возила. Но, комфорот, особено за тие на за��ната клупа, им е малку намален. Затоа, пак, возачот и совозачот имаат лимузински комодитет, особено кога ќе го поттурнат седиштето наназад и уживаат во пространоста. Меѓутоа, за уште две возрасни лица назад нема суперкомфорност.
Излезен од филмско платно
Новиот „спарк“ е дело на дизајнерите и на потенцијалните купувачи. Имено, во 2007 година на салонот во Њујорк беа претставени три концепти - „беат“, „тракс“ и „груви“, по што беше организирано и гласање. Јавноста одлучи кој од трите концепти ќе биде новиот „спарк“. Концептот „беат“ убедливо победи. Предната светлосна група во форма на бадем се протега до самиот ветробран. Во сооднос на нивната големина е и впечатливиот беџ на американската марка поставена во средина на летвичката на маската. Гледано од страна формата следи една слегувачка линија на покривот. Задниот дел е посмирен, но модерен. Поголемите тркала дополнително ја потенцираат динамичната става. Интересен детаљ е и рачката на задните врати, скриена, како кај „сеат леон“ или „хонда сивик“ во малите прозорци.
Култивиран агрегат
Верзијата што ја возевме имаше 1,0 литарски агрегат со 68 КС. За автомобил тежок помалку од еден тон и наменет за брчење низ градските сообраќајници и повеќе од доволно. До 100 км/ч забрзува за 15,5 с. Максималната брзина е 154 км/ч, а потрошувачката, според фабричките податоци, 5,1 литар на изминати 100 км. На тестот измеривме цели шест литри, но сето време го возевме низ претрупаните сообраќајници на Скопје.
Добра опрема и атрактивна цена
Можеме да констатираме дека „спарк“ е добро опремен мал градски автомобил: комплет електрика, централно далечинско, серво-управувач со аудиокоманди, стереолинија, со приклучоци за USB , iPod, мануелна клима, борд компјутер, АБС, носачи на покривот, сет од воздушни перници. А шлаг е стартната цена од 6.840 евра.
Технички податоци
„Шевролет спарк“ 1,0
Број на цилиндри 4
Зафатнина (см3) 995
Број на вентили 16
Сила во kW (KS) при в/мин 50(68)/6.400
Вртежен момент во Nm при в/мин 93/4.800
Потпирање напред McPherson
Потпирање назад торзиона оска
Должина/широчина/височина (мм) 3.640х1.597х1.522
Меѓуоскино растојание (мм) 2.375
Зафатнина на багажникот (мин/макс.) 170/568 л
Зафатнина на резервоарот (л) 35
Максимална брзина (км/ч) 154
Забрзување 0-100 км/ч (с) 15,5
Потрошувачка (л/100 км) 5,1
Први фотки на новата „фолксваген буба“
Првите фотографии на новата „фолксваген буба“, што треба да го има своето деби на Салонот за атомобили во Лос Анџелес, веќе се појавија во јавноста. Новата „буба“ е базирана на платформата на компактната лимузина на „Фолксваген“ – моделот „џета“ и ќе се произведува во погоните на „Фолксваген“ во Мексико.
Новата „буба“ ќе биде подолга и пониска од својата претходничка, односно актуелната изведба. Како двигатели ќе се користат современите бензински и дизел-мотори на групацијата. Од бензинските, со напредна TSI-технологија се: 1.2 литарскиот, со 105 KS, потоа, 1.4 литарски, со 160 KS и 2.0 литарскиот, со 210 KS. Од дизел-моторите, тоа се: 1.6 литарскиот TDI со 105 KS и 2.0 литарскиот TDI со 140 KS, со современа „комн-реил“ технологија.
Се шпекулира дека набргу по лансирањето, новата „буба“ би можело да добие и хибриден погон преземен од концептот„џета NNC“ претставен во почетокот на годинава на Салонот за автомобили во Детроит.
„Ауди“ планира да го произведува концептот „кватро“
Концептот на „Ауди“ под име „кватро купе“, со кој фирмата од Инглштад го одбележа јубилејот, 30 години од постоењето на „кватро“ погонот, беше еден од најголемите атракции на годинешниот Салон за автомобили во Париз. Од германската компанија провејуваат информации дека атрактивниот концепт би можел да прерасне во производен модел.
Според инсајдерски извори, се планира производство на лимитирана серија. Доколку дојде до сериско производство на атрактивниот концепт, финализацијата ќе биде доверена на новиот член на групацијата VW, на студиото „Итал десижн“. Од каде што годишно би излегувале од 200 до 500 атрактивни изведби „кватро купе“.
Доколку автомобилот почне да се произведува, тој делумно би се разликувал од концептот претставен во Париз. Тој и натаму ќе се базира на платформата на моделот RS5, но погонскиот систем ќе биде поедноставен.
Ќе има промени и во изгледот на каросеријатa, што кај концептот е целосно изработена од алуминиум и од карбон. Инаку, во серискиот модел ќе бидат внесени и некои дополнителни корекции.
В година нова „108“ на „Пежо“
Новата генерација на најмалите браќа: „пежо 108“, „ситроен С1“ и „тојота ајго“ треба да се појави веќе наредната година. Најмалиот модел на „Пежо“ по се' изгледа ќе го промени името, а кај „ситроен“ и „тојота“ не би имало промени во името. Втората генерација на најмалите, француско-јапонски автомобили доаѓаат со многу подобрувања. Поквалитетен и покомфорен интериер, поголема пространост и повеќе простор во багажникот. Малиот „лав“ ќе порасне од сегашните 343 на 350 сантиметри, а се намалува масата. Како резултат на тоа се зголемува економичноста и еколошката прифатливост.
Се очекува и натаму да има верзии со три и со пет врати, а новина ќе биде РЅА бензинскиот трицилиндарски агрегат. Новата „108“ ќе доаѓа со 1.0, 1.2 VTi и 1.2 THP бензинци, HDi дизелски мотор со 70 KS, а секако и изведба со електромотор.
|