И даночници со фирми не издавале фискални
Управата за јавни приходи е со засилени контроли за неиздавање фискална сметка. Угостителите и трговците се на удар, бидејќи тие најмногу се обидувале да го заобиколат законот. Но, вчера УЈП соопшти дека и даночни службеници во УЈП што имале семејни бизниси не го почитувале законот. По претходно добиени анонимни пријави на линијата 198, УЈП има евидентирано шест случаи во кои зад семејниот бизнис се криеле раководните лица на подрачните единици на УЈП во Пробиштип, Неготино и Охрид, односно даночен инспектор и даночен контролор во Тетово и даночен извршител во Кочани. „Во услови на максимална отвореност и услужна ориентираност на даночната администрација, недозволиво е одделни фирми и лица да ја нарушуваат фискалната дисциплина. Ова посебно се однесува за вработените во УЈП, кои дејствуваат спротивно на интегритетот и кодексот на етика на даночните службеници, за кои се преземаат конкретни мерки од страна на Единицата за професионални стандарди на Управата“, стои во соопштението од УЈП. Инаку, Управата во текот на јули спровела 233 контроли за фискализација, при што изрекла казни за 191 фирма, кои се движат од 200 евра за неиздавање фискална сметка, 4.000 евра за оние што втор пат направиле ист прекршок, до забрана за вршење дејност од 30 дена. „Засилените даночни контроли на УЈП во делот на фискализацијата покажаа дека според дејноста, угостителите и трговците на мало се оние што најмногу се обидуваат да го заобиколат законот. На листата на оние што се обидуваат да плаќаат помалку данок се и нотарите и стоматолозите, но не толку вешти се и некои даночни службеници во УЈП, кои криејќи се зад семејните бизниси, ја поттикнуваат сивата економија наместо да дејствуваат за нејзино намалување“, наведуваат од УЈП. Најмногу казни од вкупно 109.600 евра биле изречени за 81 фирма во Скопје. Според УЈП, ова е уште една потврда дека во Македонија не е веќе исплатливо да се работи незаконски. По Скопје, следува Охрид каде што контролите покажале дека во екот на туристичката сезона 34 контролирани објекти направиле прекршок во делот на фискализација. Контроли се спроведени и во Тетово, Гостивар, каде што се изречени 26 казни, во Куманово 14 казни, Велес 11, Прилеп и Битола 10, Струга и Ресен 8, Струмица 4 и Неготино 3.
УЈП, покрај контролите, во текот на јули спровела и пет едукации за регистрирање даночен обврзник. (С.М.)
|