Нашата Берза „ладна“ и на грчкиот спас
Вчера растеа индексите речиси на сите светски пазари на капитал, а МБИ-10 имаше мал пад од 0,08 отсто
Нина Нинеска-Фидановска
Македонската берза повторно остана „ладна“ на клучните глобални економски случувања. Олеснувањето што светот го почувствува барем за извесен временски период, откако Грција доби втор пакет за спас во вкупна вредност од 159 милијарди евра, беше причина веднаш позитивно да реагираат речиси сите позначајни пазари на капитал. Експресно зајакна главниот американски индекс „Дау Џонс индастријал“, а нагоре се вивнаа и клучните азиски берзи. Пријатно изненади и атинскиот пазар на капитал, чиј клучен индекс порасна за три проценти.
И додека за другите берзи ветените милијарди во програмата за надминување на грчката криза беа доволни да регистрираат повисоки индекси, очигледно, оваа светска топ-вест немаше некаква драматична вредност за Берзата во Скопје. Главниот македонски берзански индекс МБИ-10 вчера не само што не порасна, туку забележа и мало намалување, од 0,08 проценти. Прометот изнесуваше само 7,2 милиона денари.
А, не е новина тоа што нашата Берза подолго време не реагира ниту на надворешните врвни економски настани, ниту, пак, тоа посебно го прави кога станува збор и за домашните промени на политички и на општествен план. На Берзата веќе подолг период владее летаргија. За илустрација, МБИ10 во последниов месец има пад од 2,76 отсто или ако на 22 јуни изнесувал 2.576,11 индексни поени, еден месец подоцна, или на 22 јули годинава, неговата вредност била 2.504,98 поени.
Дел од брокерите и познавачите на берзанските состојби велат дека воопшто не очекувале, ниту, пак, сметаат дека во наредниот период планот за спас на Грција ќе влијае врз раздвижување на нашата Берза и за пораст на берзанските индекси. Според нив, кај нас од поодамна нема ниту пари ниту странски инвеститори за да се почувствува каков било ефект од грчките, воопшто и од европските случувања.
„Генерално, пакетот за спас на Грција влијаеше на странските берзи и тој ефект се чувствува во последниве два дена, откако стана извесна помошта за оваа земја. Но, не очекувам кај нас тоа да има влијание“, вели Коста Костадиновски, извршен директор на „Илирика“.
Причините се гледаат во изразено намалената ликвидност на македонскиот пазар, односно намалениот промет и слабиот интерес на купувачите. Тоа и зачудува, бидејќи во земјава има добри компании, со добри резултати, а и макроекономските показатели покажуваат дека би требало цените да растат. „Но, нема ни пари, а нема ни интерес да се инвестира на нашата Берза. Затоа и нашиот индекс не расте по објавата на планот за спас на Грција, иако сите други индекси растат поради зголемениот оптимизам од овие мерки“, вели Костадиновски.
Други познавачи, сепак, очекуваат дека новиот план за спас на Грција и кај нас, иако подоцна, ќе даде позитивен ефект.
Александар Петрески, извршен директор на „Еуроброкер“, објаснува дека кај нас нема пари однадвор, а странските фондови што тргуваа тука, сега тоа го прават значително помалку. Домашните инвеститори, пак, веројатно во овој период се на одмори, па затоа и тие слабо купуваат и продаваат акции. Сепак, овој аналитичар очекува дека веќе од септември ќе има добри трендови и на Македонска берза. „Во разговорите со странските инвеститори што сме ги воделе, тие ни откриваа дека се плашат оти кризата во Грција ќе се прелее во Европа, но и во нејзиното соседство. Но, сега се смета дека со овој пакет за спас, барем за следните неколку години, ќе се отстрани опасноста од прелевање на кризата во другите делови од еврозоната и во соседството. Така што очекувам од септември да има и влез на странските инвеститори на Берзата. Сето ова позитивно ќе влијае на бизнис-климата во земјава“, објаснува Петрески.
Инаку, завчера лидерите од еврозоната, на вонредниот самит во Брисел, одлучија да се одобри втор пакет за финансиска помош на Грција, вреден вкупно 159 милијарди евра, покрај првиот пакет од 110 милијарди евра што беше одобрен во мај минатата година. |