„Турборок-фестивал“ како контраудар на турбофолкот
Во „Метрополис арената“ се собраа шест бенда од екс ЈУ-просторите за да засвират против масовната кич-индустрија
Бојан Шашевски
Самото име на петочното музичкото збиднување и неговата првична маркетиншко смислена иницијатива, која секако е позитивна и за поздрав, беше да собере рокери што ќе свират против турбофолк-некултурата. Музичари здружени да го сотрат општонародното зло. Музика против звучната деградација на моменталната (де)генерација. Убаво и примамливо!
„Авалонци“ во „Метрополис арена“ решија да присоберат шест бенда од бившојугословенските простори кои со години, па и децении наназад постојано биле гости на некоја домашна манифестација, фестивал, свирачка собиранка, правеле самостоен концерт. Бендови со своевремен култен статус. Понуда на веќе примени, прифатени и слушани, па донекаде и преслушани состави кај голем дел од македонската публика. „Турборок-фестивал“ - игра на сигурно од „Авалон продукција“.
„Лет 3“ по пат на ждрепка, која ја побараа самите изведувачи, беше избрана прва да се појави на бината во скопско сајмиште. Исто како и на летниот фестивал „Аларм“, Хрватите, секогаш духовити, провокативни и препознатливи по изборот на костимографија, настапуваа со голи задници и светликави облеки. Оригиналните од „Лет 3“ умешно ја анимираа своја��а публика. На крајот од настапот, седумчлениот состав фрлаше пердуви на сцената, а „Метрополис“ веќе почна да се полни и да наѕираат расположени фаци.
Македонскиот гитарски амбасадор и неговите инструментални придружници, наречени „Влатко Стефановски трио“, веднаш ја ставија публиката во транс. Сите се претворија во уши. По „Македонско девојче“, на бината се качи првото изненадување. Откако истиот ден Јордан Плевнеш го прогласи Мики Манојловиќ за Doctor Honoris Causa поради неговиот исклучителен опус во балканската, европската и светската кинематографија и театар, српскиот актер беше примен, но и испратен од сцената со искрени аплаузи, а Влатко достојно ја засвире темата од филмот „Џипси меџик“. Меѓу другото, загреаната публика можеше да ги чуе „Јовано, Јованке“, стиховите на „Скопје“, но и да го види реномираниот режисер Столе Попов. При едно и полчасовната свирка, Влатко смени неколку гитари за соодветно доловување на темите. Гостите и аудиториумот видно исполнети и благодарни на виртуозот од „Леб и сол“.
Интересно беше тоа што салата трпеше дефицит на алкохолизирани тинејџери кои доаѓаат по препорака на пријателите на „Фејсбук“. Иако имаше масовна распределба на гратиси низ Скопје, а и „Метрополис арена“ не беше докрај исполнета, се појавија едно чудо рокери со тапија, закоравени музички фанатици, луѓе што умеат да испочитуваат добра гитаријада.
Звучната децибелажата достигна максимум со појавата на Србите „Дисциплина кичме“. На моменти дури и преинтензивен амбиентум. Уште на крајот од настапот на Стефановски се појавија технички проблеми со озвучувањето, сега имаше и со микрофоните, па составот на Душан Којиќ-Која како да беше принуден да создаде хаотичен, за многумина и идиличен рифовски тоналитет. Групи луѓе скокаа, играа, дивеаја и се шуткаа во првите редови. Њувејв, постпанк-бандитите од крајот на осумдесеттите тресеа со електрицитет, експлозивност од артистички ритми, импровизирајќи ги темите со повеќеслоевита звучна резонанца.
Уште по стартот и „Гузоњин син“, се почувствуваа стотиците присутни фанови на босанскиот состав „Забрањено пушење“. Обожавателите почнаа да ги отвораат грлата, да потпевнуваат рефрени и да креваат раце во вис. Поминаа точно триесет години од формирањето на сараевскиот рок-панк гараж бенд кој претрпе многубројни измени од првичната постава, своевремено беше дел од супкултурно движење „Новиот примитивизам“ и почетоците на емисијата „Топ-листа надреалиста“. Но, несомнено Македонците се' уште ги помнат песните на составот што на десетици наврати присуствуваше на домашни музички соединувања.
Се преполови уморниот аудиториумот во најголемата сала од скопско сајмиште. Претпоследен на концертното мени беше петчлениот хрватскиот состав „Психомодо поп“. Присутните, неколку часа по полноќ, можеа да слушнат песни, како што се „Ја волим само себе“, „Ја никад нисам био нормалан“ итн.
Фестивалџиите го дочекаа крајот со „Азра“, односно со подновена верзија на загрепскиот бенд без контроверзниот фронтмен Џони Штулиќ, овој пат наречени „Поздрав Азри“. Дали беше до уморот, или можеби долгото чекање за стартот на свирката на Хрватите, но составот на тапанарот Борис Лајнер и басистот Мишо Хрњак на моменти како да звучеше млако, без препознатливата инспиративна моќ. Сепак, ги изведоа најпознатите хитови, а голем дел од присутните наизуст ги пееја темите и возвратија со довикување и аплаузи кон остатоците од некогашниот влијателен бенд од југословенската њувејв рок-ера.
Иако „Турборок-фестивал“ не донесе некое музичко освежување, изведувачите на осумчасовниот настан јасно и гласно и' кажаа едно големо „уа“ на масовната кич-индустрија, им удрија шлаканица на силиконските турбофолк-суштества и возвратија со она што најдобро знаат - рокенрол третман! |