Пол Ди Ано
Бившиот пејач на „Ајрон мејден“ в затвор
Пол Ди Ано, бившиот пејач на групата „Ајрон мејден“, осуден е на девет месеци затвор поради тоа што со измама добил парична помош, пренесуваат британските медиуми.
Пол Ендрјуз (52), попознат како Пол Ди Ано, се преправал дека боледува од ишијас и во периодот од 2002 до 2008 година добивал помош во вкупна вредност поголема од 45.000 фунти. Тој ќе мора најмалку 4,5 месеци да мине в затвор, по што ќе биде можно да биде пуштен на условна слобода.
Пејачот се преправал дека страда од силни болки и дека му е ограничено движењето, но откриен е дека продолжил да пее на концертите.
Инспекторите од Министерството за труд и пензија ги прегледале снимките на кои јасно се гледа како пејачот енергично скока на бината, така што е констатирано дека воопшто немало ни трага од болеста.
Ди Ано пеел во групата „Ајрон мејден“ од 1978 до 1981 година, кога е исфрлен поради дрога и на негово место е донесен Брус Дикинсон. |