Поглед
Вујче од Авганистан
Мирче Јовановски
Колку повеќе немаш, толку повеќе штедиш. Мајтапчиите, веројатно, би го одбрале ова како локално мото на годинешниот Светски ден на штедењето по објавените податоци дека во првото полугодие годинава заштедите во банките кај нас се зголемиле за респектабилни 8,3 проценти. Или, за оние што сакаат поопипливи податоци, се проценува дека македонските граѓани им довериле на банките 2,3 милијарди евра. Парите што се чуваат под перници не се земени предвид.
Дека сме штедлива нација, тоа е општопознат факт. Дека многумина и' пркосат на статистиката и на нејзините податоци колку пари се потребни да се истурка месецот, исто така.
Но, навистина звучи неверојатно дека во време кога кризата на овие простори го достигна својот врв и кога е зголемен бројот на фирмите со блокирани сметки и на оние што останале без работа или, пак, не ги примаат платите редовно, вредноста на заштедите да се зголемува. Згора на се', повеќе растат заштедите во домашната валута отколку во омилените евра, долари, швајцарски франци...
Логично би било ако не се намалуваат, барем да стагнираат. Но, не е така.
По се' изгледа, повторно во овие тешки времиња ни помага вујче од Америка, синонимот за нашинците што се на работа во странство и кои годишно праќаат стотици милиони евра во земјава. Сиромаштијата и бесперктивноста во земјава натера многумина да заминат на работа по парче леб во кризните подрачја во светот, како во Ирак и во Авганистан, па, веројатно, и тие имаат свој удел во јакнењето на контата на граѓаните во банките.
Очигледно, порастот на заштедите не е резултат на некоја зголемена економска активност или на благосостојбата во државата, туку напротив, од стравот од неизвесноста. Или, што би рекле старите, бели пари за црни денови. |