Мислења
Од шупливо во празно
Ана Павловска-Данева
Фактот што Владата има обезбедено двотретинско мнозинство во законодавниот дом, никако не смее да биде оправдување за нејзиното нетранспарентно и неаналитичко однесување при подготовката на измените на Законот за органите на државната управа (вистинскиот назив на овој закон е многу подолг, но за читателите е доволно да знаат дека со него се формираат нови министерства или постојните се укинуваат или се трансформираат). Однапред обезбедената гласачка машинерија во Собранието не смее да биде причина за конспиративно подготвување и носење закони без претходни консултации со сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и политичките опоненти.
Недозволено е преку ноќ да се изработи закон со кој на блискиот соработник на премиерот на кого пред две години му се формираше цело министерство само за тој да може да стане министер – Министерство за информатичко општество, сега ќе му бидат дадени ингеренции тој да стане и реформатор на македонската јавна администрација. Недозволено е за ваква една идеја да не се дискутира, да не се дебатира, да не се расправа пред таа да се протне во Собранието.
Ајде да видиме што ни смислија Владата и Министерството за правда со овој тајно подготвуван закон. Прво, смислија сите надлежности на Агенцијата за државни службеници да и' ги одземат и да ги пренесат во Министерството за информатичко општество. Второ, на едно ново министерство му смислија уште понов назив - Министерство за информатичко општество и администрација! Трето, на ова министерство му придодаваат и некои ингеренции од областа на телекомуникациите и радиодифузната дејност. Четврто, во Брисел ќе се каже дека Македонија направила цело едно ново министерство за реформа во јавната администрација. Петто, ваков микс на надлежности (информатичко општество и администрација) нема во ниту една држава, на ниту еден континент! А, тоа го знаат и во Брисел и кај нас сите оние што барем малку се занимаваат со административното право.
Во образложението на предлог-законот со кој се прават овие измени се наведува дури и името на словенечкиот експерт што дал препораки во насока на формирање министерство надлежно за јавна администрација. Срамота! Срамота е во официјален предлог-закон поднесен во Собранието на усвојување, предлагачот, еден од најискусните и најстарите министри во Владата да се затскрива зад името на странски експерт, кој во ниту еден момент не учествувал во создавањето на смешниов закон. Странскиот експерт никогаш не кажа дека Министерството за информатичко општество треба да ја спроведува реформата на јавната администрација во Македонија. Странскиот експерт никогаш не рече дека законот треба да се напише така што ќе се отвори веб-страницата на Министерството за јавна управа на Словенија и дословно ќе се препишат неговите надлежности за да му се дадат на нашето Министерство за информатичко општество, ниту, пак, кој било странски експерт дал мислење дека со копи-пејст на закони може да се гради држава, уште повеќе да се прават реформи од кои зависи иднината на државата.
Кога веќе Министерството за правда се одважи да подготви закон според кој, еден ист министер ќе се грижи за развојот на информатичката технологија во земјава, но и за реформата на јавната администрација, зошто Државниот управен инспекторат како неоткинлива алка од функционирањето на јавната администрација не го префрли, исто така, во состав на новото министерство? Зошто овој значаен управен орган си го задржа министерот за правда во своја надлежност и не им го дава на „информатичарите“?
Или, зошто јавните набавки од Министерството за финансии не се ставени во надлежност на новото министерство? Во Словенија јавните набавки на владините служби влегуваат во изрична надлежност на Министерството за јавна администрација. Имаше ли проблем во преводот од словенечки на македонски? Во нашиов предлог-закон не гледам дека новово министерство ќе врши таква дејност, напротив, не му се утврдени никакви сериозни државни ингеренции.
Не помислиле ниту министерот за правда ниту министерот за финансии, а ни министерот за внатрешни работи да пренесат ни делче од своите властодржачки ингеренции, од легалната и фактичката моќ што ја имаат. Па, нели целта на измените на законот беше формирање централна институција за к��ординирање и спроведување на процесите на реформа на јавната администрација што досега биле дисперзирани? Пак ќе си останат тие дисперзирани, само проформа се прави министерство, кое покрај со останатите недржавни работи, ќе кажуваме дека се занимава и со реформа на администрацијата. На хартија!
За вистинска реформа на јавната администрација, почитувани министри, не ви треба уште едно министерство. Потребна ви е, пред се', вистинска и искрена волја. Потребно е да престанете со партиски вработувања, со шиканирање и деградирање на секој што „не е ваш“. Потребно е да ги остручите оние кутри луѓе што седат врз бироата и не знаат што да прават со себе, уште помалку со компјутерите на нив и брдата предмети по сефовите и фиоките. Потребно е да формирате центар за континуирана обука на јавните службеници, каде што тие ќе совладуваат нови вештини, ќе се учат на имплементација на новите закони, ќе ги совладуваат начините за водење преговори со ЕУ, начините за постапување со граѓаните на кои се должни да им ги дадат своите услуги, ќе изучуваат етика на работно место, управување со човечки ресурси, комуникација со јавност и сл. Потребно е нашите службеници да ги научите како да носат законски решенија за да има помалку тужби во Управниот суд, за помалку граѓани да бидат незадоволни, за помалку оштета да плаќа државата. Така, нема да имате потреба ниту од ново министерство ниту од нов Виш управен суд.
Секако дека е потребно некој да го раководи овој процес, па и да ја земе врз себе одговорноста од неговото спроведување. Навистина е добро тоа лице да биде дел од извршната власт. И да биде човек од доверба на премиерот, тоа е прифатливо. Сепак, треба да биде и стручњак и добар познавач на состојбите во државната и во јавната управа. Се согласувам дека министерот за правда е несоодветен за ваква улога. Но, што сега, му најдовте супститут олицетворен во министерот за информатичко општество, тоа ќе го напишете во закон и сте го решиле проблемот? Ах, каква лага, каква заблуда!
(Авторката е професорка на Правен факултет) |