Калиопи
Топли песни за студено време
Како што течеше концертот, така спонтано се полнеше и плоштадот „Македонија“, каде што се случи промоција на албумот „Порака“
Ветено - сторено. Македонската поп-дива Калиопи во саботата вечер им понуди бесплатен концерт на сите свои фанови што беа дел од концертната промоција на нејзиниот најнов албум „Порака“. Ниту студеното време не ги поколеба нејзините обожаватели, кои спонтано, како што минуваше концерт, така полека го полнеа скопскиот плоштад, барем оној дел во кој не се изведуваат градежни работи. Калиопи овој пат направи промоција за сите. Немаше влезници, немаше ВИП-третмани, немаше сепариња, двоења... Недостасуваше уште температурата да беше повисока за совршена вечер. Но, тоа излезе дека не е пречка за одлична забава.
Концертот започна со насловната тема од албумот, „Порака“ за натаму да продолжи со „Не сум како ти“, „Твоја“, „Ти“, „Дојди“, „Земи ме“, „Засекогаш“ (посветена на Тоше)... Реакцијата и коментарите на публиката беа единствени Калиопи овој ат звучи сосема поинаку, промената и'годи, а песните се на добар пат да станат хитови. Од нив особено се издвојува и дуетот со словенечкиот пејач Марко Возељ, „Денот се буди“, кој допатува специјално во Скопје за да биде дел од концертот на Калиопи. Како што ни кажа, вторпат е во Македонија, а зад себе има 20-годишно искуство на поп-естрадата во Словенија - 18 години како дел од една од најпознатите тамошни групи, а во последните две години како соло-изведувач. Ни призна дека Калиопи многу му помогнала со македонскиот изговор, а тој неа со словенечкиот. И обајцата, признава, се нашле со енергиите и се радуваат на соработката, чиј иницијатор е продуцентот на албумот, Дарко Јурановиќ - Д ’ Нок, кој поради приватни причини во последен момент го одложи доаѓањето во Скопје.
Заедно со Калиопи на сцената се појави и нејзиниот придружен бенд, „Бретлес“, а атмосферата почна да се загрева во вториот дел кога на ред дојдоа познатите хитови, како што се „Обои ме“, „Дали ме сакаш“, „Бато“, „Месечина“, „Лео“, „Невиност“... Точно два часа траеше концертот, кој заврши исто како што и започна - со насловната тема „Порака“.
Калиопи ја испрати својата порака до обожавателите. (К.Ш.) |