Нов шок на Копа Америка, Парагвај го исфрли Бразил!
По 120 минути без голови во четврт-финалето, Парагвајците славеа со 2:0 на пенали откако „кариоките“ ги промашија сите четири
Фудбалерите на Парагвај се пласираа во полуфиналето на Копа Америка што се одржува во Аргентина. По 0:0 во 120. четвртфинални минути против Бразил тие го елиминираа големиот фаворит со 2:0 по подоброто изведување на пенали.
По првиот меч меѓу овие две репрезентации во групниот дел од натпреварувањето што заврши 2:2, Бразилците на крилјата на нивното реноме ветуваа сигурна елиминација на Парагвај, но се покажа, како и во случајот со Аргентина, дека имињата не гарантираат дури ни победа, а камоли освојување на титула. Сега Јужна Аме��ика е во очекува на новиот шампион, а навивачите се надеваат дека пресметката за трофејот нема да заврши без голови.
Во однос на приспивната од дуелот меѓу Колумбија и Перу и речиси „воениот“ меч меѓу Аргентина и Уругвај, средбата на Бразил и Парагвај изобилуваше со убави, но честопати и излишни потези на младите играчи кои се желни за докажување на големата сцена.
„Кариоките“ освоија четири од последните пет континентални шампионати, но истите тие не можеа подобро од ова бидејќи немаат тим со лидер ниту пак некој голем авторитет на теренот, според некои, дури и надвор од него, што ќе ја излади жешката глава на Нејмар на пример. Бразилците упатија 14 удари на противничкиот гол, најдобрата шанса ја имаше Пато во 75 минута кога Вилјар „скина“ зицер. Парагвајците мудро ги чекаа продолженијата, а потоа и пеналите, како да имаа чувство дека токму таму се крие билетот за полуфинале. Катастрофална изведба на ударите од белата точка имаа Андре Сантош, Фред и Елано додека Тијаго Силва беше „прочитан“ од извонредниот Вилјар.
Венецуела во полуфинале, Чавез и Кастро заедно на „Твитер“
Фудбалската репрезентација на Венецуела за првпат во историјата на Копа Америка обезбеди пласман во полуфинале. Во последниот четвртфинален дуел на шампионатот совладан е фаворитот Чиле со 2:1.
Несекојдневна завршница има 43 издание на фудбалското првенство на Јужна Америка што почна да се организира во 1916 година. Континентот има нови херои. Тоа се играчите на Венецуела кои успеаја да ги повторат подвизите на Перуанците против Колумбија, Уругвајците против Аргентина и Парагвајците против Бразил.
Венецуела поведе во 34 минута со голот на Освалдо Вискаронда, работите од почеток ги врати Умберто Суазо во 69 минута. И кога се чинеше дека сме на прагот на нови продолженија, како во претходните три натпревари, следуваше шок за четирикратните финалисти на Копа Америка. Габриел Сичеро во 80 минута ја погоди целта и ја поведе 30 милионската Венецуела во историско, прво, полуфинале на континенталните првенства.
По големиот успех и закажаната средба со Парагвај во полуфинале не остана мирен ниту претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, кој се подготвува за хемотерапија на Куба, откако му беше дијагностициран тумор.
„Да живее Венецуела! Ајде да ги поздравиме нашите момчиња на извонреден начин“, порача Чавез преку социјалната мрежа Твитер каде го коментираше секој детаљ од натпреварот со Чиле, посебно головите на Винотинт (прекар на репрезентацијата на Венецуела по бојата на виното бургунди во која најчесто се нејзините дресови). Интересно е што Чавез беше на интернет во друштво на Фидел Кастро, првиот човек на Куба.
„Еве, дојде Фидел и му донесе среќа на Винотинт. Дадовме гол и запеавме „Мора да е победа“. Одиме! Само уште едно полувреме“, пишуваше Чавез меѓудругото за време на мечот.
Прва светска титула за Јапонките
Фудбалерките на Јапонија за првпат во историјата станаа светски шампионки. Во тоа успеаја по триумфот на пенали (3:1) во финалето во Франкфурт против репрезентација на САД. Мечот во регуларниот дел заврши 1:1, обете селекции постигнаа по еден гол и во продолженијата.
Фаворизираните Американки беа подобри, но противничката мрежа ја погодија дури во 69 минута. Прецизна беше Алекс Морган. Радоста на САД траеше кратко. Во 81 минута израмни Мијама. Вамбах ја врати предноста на американската селекција во продолжението, Јапонките по вторпат ја поништија преку Хомара Саве.
Во пенал рулетот само Вамбах беше успешна за САД, за Јапонија погодија Мијама, Сакагучи и Кумагаи.
Манчестер Сити и Коринтијанс се договорија за Тевез
Менаџерот на Манчестер Сити, Роберто Манчини, изјави дека е постигнат договор за трансфер на Карлос Тевез во Коринтијанс, клуб чиј член порано беше аргентинскиот репрезентативец.
Иако италијанскиот тренерски стручњак не сакаше да говори за детали, посебно за финансиските, сепак познато е дека бразилскиот тим минатата недела понуди 39 милиони фунти за услугите на Тевез, сума што првично беше одбиена бидејќи управата на Сити бараше 50.
„Постигнавме договор со Коринтијанс, но Карлос се' уште е наш играч“, рече Манчини за „Скај спортс“ без притоа да се впушти во подлабока анализа на договорот ниту пак како точно ќе се одвива кариерата на 27 годишниот фудбалер во иднина.
Тевез уште пролетта изрази желба да се врати во Јужна Америка за да биде поблиску до семејството, а клубот од Сао Паоло, осоколен од доходовн��от договор за ТВ-права, веднаш тргна во потера за напаѓачот.
Карлос Тевез ја почна својата сениорска кариера во Бока Јуниорс. Оттаму во 2004 година мина во Коринтијанс, екипа за која на 38 натпревари постигна 25 гола. Во Европа се пресели во 2006 година. Прва негова дестинација беше Вест Хем, подоцна направи трансфер во Манчестер Јунајтед. По две сезони и 19 погодоци во 62 премиерлигашки средби, Тевез си замина од „Олд Трафорд“ кај градскиот ривал Манчестер Сити. Во дресот на „граѓаните“ беше многу попродуктивен и впиша 43 гола. За репрезентацијата на Аргентина одигра 59 меча и 13 пати ги тресеше противничките мрежи.
Мексиканец на стоперската позиција во Штутгарт
Мексиканскиот стопер, Франциско Хавиер Родригез (30), го напушти ПСВ Ајндховен и кариерата ќе ја продолжи во Штутгарт. Останува енигма сумата за која е реализиран трансферот, засега се знае само дека Родригез потпиша петгодишен договор со популарните „шваби“. |